Данов: Ексклузивни и досега необјавени фотографии од посетата на Тито на Титов Велес во 1970 година
Како постојан истражувач на Велес, присутен сум на многу Форуми, Блогови и други форми на интернет комуникација на кои се разменуваат и постираат разни фотографии , воглавно од поблиското или подалечното минато на градот Велес. Со некои членови на овие Форуми од Балканот постојано се среќавам, дискутирам, барам и разменувам фотографии од Велес и за Велес.
Така од еден голем професионалец, за кој знаев дека бил постојано присутен на патувањата на бившиот југословенски претседател Јосип Броз Тито добив четири многу успешни и професионално снимени фотографии од престојот на Тито во Велес.
Фотографиите се снимени во 1970 година и досега, барем јас, не сум ги видел јавно објавени, па затоа решив користејќи ги нив да Ве потсетам на сите посети на покојниот југословенски претседател Јосип Броз Тито на Велес , од ослободувањето во 1945 година се до пред неговата смрт.
Без никаква идеологија, само ќе споменам дека на 11 Октомври 1946 година со Законот за преименување на имиња на градови името на Велес ја добило додавката Титов за осум години потоа тогашниот Претседател на екс државата, Социјалистичка Федеративна Република Југославија, првата кратка посета на градот да ја реализира точно на 7 Јули 1954 година. Тоа била посета кога Тито со „Синиот воз“ се враќал од посета на соседна Грција. Во придружба на својата сопруга Јованка, Тито, од возот се симнал на перонот на велешката железничка станица. Насмеан, добро расоположен, им мафтал на велешани кои во импозантен број дошле да го дочекаат и видат својот тогашен Претседател. Втората негова попатна посета на градот што го носел неговото име се случила по скоро три години. Тито со соработниците накратко поминува низ Велес на 06 Март 1957 година при патувањето кон Источна Македонија.
Четири месеци подоцна се случила првата работна посета на тогашниот Претседател на државата, Јосип Броз Тито на Титов Велес. И тоа на 7 Јули преку престој и запознавање со производството на тогашните два најголеми индустриски капацитети во градот , свиларскот комбинат „Нонча Камишова“ и фабриката за производство на порцелан „Борис Кидрич“ или Порцеланка.
Четири години подоцна е забележана нова попатна средба на Тито со велешани. Таа се случила на 31 Ноември 1961 година кога по наредба на Тито „Синиот воз“ запрел во тогашен Титов Велес со цел тој да се види и поздрави со велешани.
Историчарските податоци говорат дека на 22 октомври 1967 година се случило тогашниот Претседател на државата Југославија да дојде во Велес и преноќи во хотел „Интернационал“` во центарот на градот. Тој наредниот ден пешки шетал низ градските улици и си заминал задоволен од она што видел и за што разговарал со домаќините, особено со граѓаните. Неговиот службен автомобил го чекал пред поранешната Стоковна куќа. Таму се случила последната средба со велешани по која Тито си заминал од градот.
По три години потоа во месец јули 1970 година Тито бил во втора званична посета на Македонија и поминал кратко низ Велес со тоа што застанал во центарот на градот. Од овој настан се и посочените 4 фотографии.
Последната средба со велешани Тито ја имал на 1 април 1978 година кога ја посетил Топилницата за олово и цинк “Злетово“. Тогаш му е предадена и наградата „Златна плакета“ на градот што тој ја добил пет години подоцна бидејќи го симболизирала свеченото пуштање во работа на Топилницата за оловно цинкова руда. Тој добил и копија од филмот „Оган“ на режисерот Стале Попов, работен по мотиви од животот и работата на работниците – топилничари во тогашната фабрика.
Тоа се настани што се случиле во градот како дел од неговите минато и историја. По точно четириесет години од снимените фотографии, април 1978 – април 2018 година, очекувам на нив да се пронајдат повеќе наши сограѓани и секако да се потсетат на тогашниот сопствен и изгледот на градот. Секако тоа го можат благодарение на мојот колегата и професионален фотограф во времето за кое говорам без чие несебично подарување на фотографиите ни јас не ќе можев денеска да ги споделам во јавноста. Почитувајќи го договорот со него нема да го соопштам неговото име.
Љупчо Данов