За старите Велешани кои живееле на улицата „Љубен Весов“, што спојувала три маала во стар Велес, информации стигнаа и од граѓаните
Голем број поранешни жители на Велес веќе ни пишаа изразувајќи благодарат што сме успеале да ги извадиме од заборав старите велешки семејства кои живееле на улицата „Љубен Весов“. Дел од нив ни испратија податоци кои се однесуваат на семејства што ги нема во нашиот текст а тие тврдат дека биле жители на оваа улица. Имаше и дописи за корекции на имиња. Прифаќајќи ги новите податоци прво ќе направам дополнување на претходниот текст за потоа да продолжам со новиот што го подготвив и се однесува на останатиот дел од оваа велешка улица која во себе ги чува информациите за стари велешки семејства кои живееле во овој дел на стар Велес.
Внуката на Ало Тончов ми испрати податоци дека пред семејната куќа на Тончови се наоѓал домот и на Мариче Севдинова со братот Ѓоко и неговата сопруга Слоботка.
„До нив била куќата на дедо Ало Тончов, со баба Слоботка, кои живееја со ќерките Ленче и Соња и со синот Томе. Сопруга на Томе е Данче, а ќерки Емилија и Александра. После куќата на дедо ми, живееше Иван учителот со жената , а во истата куќа, на кат, живееше Владанка со децата Стојче и Билјана. После нив беше куќата на Баба Руса, па на Миланце и потоа на Славе учителот со синот Петре“,ми пиша Емилија.
Читателот Јосиф Коларов додаде дека на професорката Гафа правото име и било Зографа и таа имала уште една сестра Лилјана Василева која била пензиониран професор од средно-хемиското училиште во Велес.
Инаку, прд куќата на Ацо Кореецот ги немаме забелажано семејствата на Мирко и Ана Чонтеви со синовите Петре и Благој и една ќерка на која не успеавме да и го дознаеме името, и на Коста Чонтев со синовите Перо и Драги.
Веднаш до куќата на Ацо Кореецот, во продолжение кон „Солено чешмиче“ живееле леблебиџијата Коле со сопругата Весна со синот Ѓоре и ќерката Љубица, до нив се наоѓала семејната куќа на браќата Ѓоре и Киро Тасеви. Ѓоре со сопругата Бранка имале два сина, а Киро и Марина Тасеви живееле со ќерката Летка.
Од спротивната страна на куќата на Кореецот живеел Славе железничарот со синот Ѓоре и ќерката Трајанка, а до Ѓоре Тасев била куќата на Апото. Улицата „Љубен Весов“ тука ја сече улицата „Кочо Рацин“, а првата куќа во продолжение била на Вера и Рајна – Миро со трите сина Драган, Стево и Ѓоре, па на Петре и Вера Накови кој имале три ќерки и на братот на Петре, Димче со сопругата Вера и со децата Миле и Ирена. До нив живееле Ванчо и Лила со синовите Диме и вторниот кој се одселил во Охрид, потоа Ѓело и Нуша Чаушеви со децата Живко, Лазо и Љупка. Подоцна од нив куќата ја купиле браќата Славе, Ангел и Цветко. До овие стари велешани дом имале Панче и Лена Јаневи со синот Аце и ќерката Снежа како и Алексо и Рајна Јаневи со синот Панче и ќерката Надежда.
Алексо бил производител на капи кој мал дуќан во стариот градски пазар. Тој во времето на СХС бил градоначалник на Велес.
Спроти овие семејства живееле Кочо и Коца Чадиеви со синовите Љубе и Бојчо и со ќерката Лилјана како и Мичо и Марица Чадиеви со синовите Илија и Славчо. До нив свој дом имало семејството на Илија и Фита Попчеви со децата Благој, Ангел, Стојна и Бранка, потоа железничарот Круме и Славка Солеви, кое се исселило поради тоа што Круме заминал да работи на малиот воз во Охрид. Исто така во овој дел на улицата живееле и Трајко и Ратка Јанушеви со синот Љупчо и ќерката Руска. На крајот од левата страна на улицата била куќата на Марија Тоцинова со ќерката Ката и нејзиниот сопруг, познатиот велешки терзија Панче Петрушев. Тие имале син што се викал Мите.
Од спротивната страна се наоѓала куќата на Трајко Лесното со сопругата Марија и децата Стојанче и Сузана. На местото каде што сега се наоѓа продавницата, инаку таа е дел од улицата „Мирче Ацев“ живееле Андо и Пандора Несторови со ќерките Лила и Бажа. До нив бил домот на Петре и Невена со синот Ване и ќерката Оливера, потоа на Ристо и Грозда со ќерките Вера, Нада и Љуба, а до нив живеело семејството на Борис и Ратка Саздови со синот Коле, како и Иванка и Мице со синовите Ѓоре и Зоран, па Пенчо и Деса, а до нив свои дом имале Љубе и Ангел како и Добре и Нада со синот Драган и Тоше.
Во овој текст, посветен на улицата која во градот спојувала три маала, живееле и Цветан Картушев, потоа Петре и Павлина Ангелови со синовите Трајче и Димо и со ќерките Благојка и Анѓа, како и Ангел и Рада Ангелови, Руса Павлева со синот Ѓоре и Темеле и Гордана Георгиеви со синовите Гојчо, Драган и Гезвето.
Улицата „Љубен Весов“ поврзува три маала и завршува до улицата „Даме Груев“, веднаш под куќата на доајенот на македонското глумиште Петре Прличко.
Стоилко Андреевски