Дигитални глукометри добија 11 деца со дијабет во Велес
Единаесет деца на возраст од 2 до 16 години со дијабетес, од трите општини Велес, Чашка и Градско, добија дигитални глукометри откако општините и општествено одговорни фирми донираа средства за набавка на апаратите за мерење на шекер во крвта. Тоа се апарати кои се поврзуваат на мобилен телефон преку апликација и директно со профил за да можат, родителите и лекарите, да ги следат резултатите од секое мерење на шекерот во крвта што децата ќе ја направат во текот на денот. Најмалото дете е на двегодишна возраст од селото Горно Јаболчиште.
– Сега ќе биде многу е поедноставно со овие дигитализирани апарати бидејќи родителот ќе биде безгрижен додека детето е на училиште затоа што не ќе мора постојано да биде со него туку само ке треба да следи на телефон што се случува. Засега глукометрите даваат само податок пишан но фирмата што ги произведува апаратите ги развива за набрзо да дадат и звучен сигнал кога детето на пример е во хипер фаза преку апликацијата на мобилниот телефон. Овој апарат не е само за деца туку и за возрасни но ние обезбедивме донации па одлучивме да почнеме да ги опремуваме децата, рече Димче Велев претседател на Здружението на дијабетичари „Лилипоп шекерче“ во Велес.
Всушност донациите што ги собра ова граѓанско здружение се за лентите со кои апаратите го мерат присуството на шекер во крвта на дијабетичарите. Апаратите се добиваат гратис. Лентите за еден месец чинат 2.100 денари.
– Здружението нема да запре туку откако ќе ги таргетираме инсулин зависните граѓани а се социјално немоќни ќе им доделиме прв дигитален глукометар. Тоа е новина кај нас додека во светот е излезена четврта генерација на дигитален глукометар со многу развиени перформанси за мерење на шекер во крв, додаде Велев.
Глукометрите на децата им беа поделени на едукативна работилница на која присуствуваа и нивните родители и следеа како се врши мерењето на шекерот во крвта. Потоа сите апарати беа поврзани со апликацијата на нивните мобилни телефони./У.Ј