Велес имал врвни машиновозачи
Велес со децении е центар на патниот и железничкиот сообраќај во Македонија. Посебно, во 1873 година со изградбата на железничката пруга Белград- Скопје – Солун. Велес станал мост преку кој Европа се поврзала со Егејското море. Четириесет и девет години потоа, додека Македонија била под власт на Стара Југославија (СХС), се изградила и железничката пруга Велес -Штип, а 1936 година и пругата Велес- Прилеп. Со развојот на железничкиот, а секако и патниот сообраќај Велес многу брзо се развил во индустриски град во кој се изградиле неколку фабрики во кој егзистенција обезбедувале поголем број велешани.
Железничкиот сообраќај овозможил на голем број граѓани да станат добри машиновозачи и помошници на парните локомотиви.
Првата железничка станица во центарот на стар Велес
Велешките машиновозачи ги возеле локомотивите за време на турско, на бугарско, на српско, во време на СФРЈ и секако традицијата ја продолжија немал број во денешна Македонија. Како што се менувале времињата и како се развивала технологијата велешките машиновозачи од парни, подоцна возеле, дизел локомотиви за денес да возат и електрични возови.
Колкав бил бројот на машиновозачи и нивни помошници од Вeлес точно не се знае зашто периодот е навистина долг. Проблем создава и неуредната евиденцијата, што ја воделе, турските, бугарските, српските и другите поробувачи на Македонија што се чува во архивите на нивните држави.
Сепак од постари мајстори успеавме да ги дознаеме имињата на дел од овие машиновозачи кои и дење и ноќе со возовите , што ги управувале, патувале од Велес за Солун, Истанбул, Белград, Загреб, Виена, Будимпешта и други светски метрополи. Еден од постарите машиновозачи на дизел локомотива е и Јован Бачот кој ни ги наброи имињата на неговите велешки колеги.
Меѓу најстарите машиновозачи биле Пепо Велев, Иван Дафинчев, Петре Николов, Петре Анастасов, Ладо Србов, Борис Колев, Љубе Солев, Живко Каров, Борис Николов, Славе Николов, Иван Оцедов, Ганчо Тороманов и Киро Оцедов. Најголем број машиновозачи живееле на Којник, Бричкова, Дворови, Бузаана, Мегдан. Еден од којничаните бил и Ордан Јаричков, потоа, Ѓорги Миленков, Илија Алчев, Ладо Теов, Велко Ѓорѓиев, Киро Теов, Круме Југов, Димко Дуков, Саво Димов, Ацо Димов ,Ангел Мијаков, Благој Костов, Борис Митков, Димче Илков, Борис Арсов, Петре Саздов, Илија Џалев, Илија Тончaров, Борис Тончаров, Јован Бачот, Темо Смилев, Илија Андов-Маршалот, Илија Џевалеков, Јован Ѓошев, Томе Нанев, Мито Марков, Тоде Кусото-позивар, Павле Јованов – позиварот, Шандупот, потоа машиновозачот Пановски, па Стеван Тодоров, Зоран Сарагинов, Никола Пеов, Борче на Марето и Лазо, Стеван Мишков, Благој Богданов, Спиро Петров, Миле Бузалков, Ангел Трајков – Ечето, Стојан Димовски, Атанас Недев, Живко Крстев, Стоилко Ивановски и други.
Велешките машиновозачи и вработените од другите погони од секогаш биле против неправдата и суровите режими. Токму за тоа често организирале штрајкови. Еден од најпознатите штрајкови го одржале на 14 април 1943 година кога не само што ги сопреле машините туку и масовно се собрале пред железничката станица во Велес.
Шеф на машиновозачите бил Ладо Цветков. За одржавање на локомотивите била изградена Колска во која се создавале врвни мајстори кои им биле десна рака на машиновозачите. Локмотиви и вагони многу брзо биле оспособувани за сообраќај. Како центар на железничкиот сообраќај во Велес била изградена многу убава железничка станица, која за жал за време на војните е разурната. За полнење вода на парните локомотиви, во Велес имало неколку системи, а имало и систем за вртење на локомотивите од еден во друг правец. Во Колска и другите објекти, па и на самата железничка станица, биле вработени неколу стотини велешани.
И ако читателите имаат информации со кои може да се дополни овој прв списокот на велешки машиновозачи пожелно е да ни ги достават нивните имиња. Се разбира благодарни ќе бидеме доколку добиеме и некоја стара и пожолтена фотографија која сеуште се наоѓа во некој семеен албум, касела, креденец.
Стоилко Андреевски