Транспарентност во борбата против лажните вести
Форумот за јавни политики „Справување со дезинформации – Комбиниран пристап на властите, граѓанското општество и медиумите за долгорочни решенија“ што се одржа во Велес не е случаен туку е поврзан со масовната појава на лажни вести произведени од младите велешани токму во времето на последните претседателски избори во Америка и победата на Доналд Трамп. Можеби немаше да бидеме во Велес ако овие дебати ги водевме порано, рече на форумот министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски.
– Тие млади луѓе го научиле занаетот од атмосферата во која живееле. Тоа што на социјалните мрежи или во некој меѓународни кругови се случува сега а се случуваше и во еден претходен подолг временски период кога ние бевме тотално информирани од лажни вести, рече Манчевски.
Министерот додаде дека лажни вести во државата произведуваа и портали без импресуми, со текстови што никој новинар не ги потпишуваше, регистрирани од офшор компании и газди на Девствени Острови за денеска да бидат декларирани како унгарски. Тие вести ги ширеа телевизиите, радијата и други веб сајтови во државата.
Објавените фотографии на повредената Северина, на поранешна мис на Ирска и жртви на насилство од соседните земји како жртви на полициско насилство за време на завчерашните протестите во Скопје се само еден пример на лажни вести што во континуитет се шират на социјалните мрежи. Манипулаторите користат секакви методи од стари вести, лажни текстови и постови, креираат измислици, рече Роберт Поповски, Министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност .
– Вистината е најголем непријател на лагата. Нема здраво општество, нема здрава демократија без точна, прецизна и навремена информација. На овој начин се гради доверба помеѓу Владата, институциите и граѓаните. Колку таа е поголема, колку граѓаните веруваат дека институциите не кријат информации толку е помала можноста тие да станат жртва на лажни вести и на пропагандата што ја шират разни центри на моќ, политичка, економска или медиумска. Сакаме нашите граѓани да бидат квалитетно информирани, да бидат свесни за начините и обидите за злоупотреба на јавноста, рече Поповски
Tој додаде дека институциите во државата веќе работеле на создавање и спроведување на програми за медиумска писменост со цел да ги зајакнат капацитетите на граѓаните и отпорноста кон лажните вести, од најмала возраст. Програмите освен преку образовниот систем ќе треба да се реализираат и преку неформалното образование и заедничката соработка на Владата со медиумите, медиумските и новинарски асоцијации.
Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски како домаќин на Форумот укажа на потребата од системско решение.
– Според мене одговорот е во синергијата, синхронизираноста и взаемната поддршка. Локалната самоуправа не може многу сама, но доколку успееме заеднички да обезбедиме системски приод кон прашањето на комуникацијата особено на социјалните мрежи, ако ги здружиме силите со надлежните државни институции, ако се организираме преку ЗЕЛС во соработка со медиумите, здруженијата на граѓани кои работат во оваа област и ако и понатаму ја имаме поддршката на УСАИД, ФИООМ, Европската Унија можеме да постигнеме многу повеќе од изолирани обиди да го надминеме проблемот“, рече Коцевски.
Организатори на денешниот Форум во Велес беа УСАИД, ФИООМ и Владата на Република Македонија. Присутни беа претставници на Центарот за стратегиски истражувања и документација, Македонскиот на полициско насилтво, Институтот за медиуми, Македонскиот сервис за проверка на факти од медиумите,Институт за политички истражувања, експерти за човекови права, претставници на медиуми и здруженија на граѓани./У.Ј