Петок, 22 јуни – Ден на жалост во Општина Велес
Денот кога ќе се погребаат посмртните останки на трите малолетни деца што го загубија животот во пожарот во нивниот дом е прогласен за Ден на жалост во Велес. Знамињата поставени на јарболите и столбовите низ градските улици ќе бидат истакнати на половина копје, сите културни и спортски манифестации ќе се одложат, а угостителските објекти ќе емитуваат сериозна музика. Вака одлучи Советот на Општина Велес на итната и вонредна седница што ја одржа вечерва,четврток 21 јуни.
-Во мое лично име и во име на Советот и сите граѓани, изрази на длабоко сочувство до семејството, роднините и пријателите за огромната и ненадоместлива загуба што се случи по пожарот во текот на вчерашниот ден. , рече градоначалникот Аце Коцевски образложувајќи го неговиот предлог.
Седницата започна со едноминутно молчење во израз на почит кон трагично загинатите деца. Советот на Општина Велес донесе решение на семејството на Никола Давчевски да му се додели еднократна парична помош во висина од 100.000 денари, општината ќе ги покрие трошоците за обезбедување гробно место во висина од околу 13.000 денари и како што информираше
Градоначалникот Коцевски тој веќе договорил со директорот на ЈКП „Дервен“, Стефан Антониевски, братот на несреќно починатите дечиња да се вработи во јавното-комунално претпријатие.
Посмртните останки на трагично загинатите дечиња ќе бидат погребани утре на градските гробишта во Раштани./У.Ј