Доверителите го изгласаа Планот за реорганизација на „Фени“
Собранието на Доверители на Фени, по едночасовна расправа, го прифати Планот за Реорганизација поднесен од бахамската компанија „Џи Сол“ со кој комбинатот за производство на фероникел во кавадаречко Возарци ќе излезе од стечај. Сега судијката Валентина Ѓорѓиевска во рок од три дена ќе одлучи дали Планот предвидува правично намирување на доверителите и заштита на имотот на фабриката поточно дали ќе го прифати или отфрли.
– Денеска е навистина голем ден за Фени затоа што дојде до кулминација на процесот што траеше многу месеци. Од првиот ден откако дојдовме во Македонија, кажавме само една работа, дека наша цел е Фени да стане најуспешен производител на фероникел во Европа. Денеска е ден за славење, денеска го добивме процесот, денеска е голема победа, за вработените, за иднината на фирмата, за сите. Сакам да им се заблагодарам на вработените на Фени затоа што го поддржуваа Фени секој ден низ процесот и затоа што работат со нас како инвеститор, како и на целата земјата што нè поддржуваа во намерата да ја спасиме оваа компанија и да создадеме светла иднина за Фени и за сите нас, рече Маркос Камхис, директор на „Џи Сол“.
Планот за реорганизација на Фени не е прифатлив за „Минстрој“. Преставниците на бугарската компанија соопштија дека постапката се води незаконски, доверителите ќе бидат изиграни а „Џи Сол“ ќе го добие „Фени“ за мали пари. Тие од стечајната судијка Ѓорѓиевска бараа да го смени моделот на стечајна постапка и наместо Реорганизација да овозможи продажба на комбинатот преку лицитација.
Ваквиот предлог не беше прифатлив за вработените во „Фени“ кои повторно протестираа против „Минстрој“ пред Основен суд Велес.
-Ова е победа за работниците и иднина за „Фени“ со Џи Сол, рече Душко Николов, претседател на Синдикатот на „Фени“.
Стечајната постапка за „Фени Индустри“ се води осум месеци. Доколку Планот за реорганизација на „Џи Сол“ биде прифатен тогаш комбинатот ќе излезе од стечај најмногу за еден месец./У.Ј