УНИЦЕФ ја промовираше во Велес кампањата „На секое дете му треба семејство“
„На секое дете му е потребна љубов“ порача Бенџмин Перкс,претставник на канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија на промоцијата во Велес на кампањата „На секое дете му треба семејство“. Тој ги информираше присутните граѓани за улогата на згрижувачките семејства и придобивките од хуманоста за целиот град и државата.
Промотивниот настан се случи во Амфитеатарот на Младински парк ,во четвртокот на 12 јули, кога Перкс упати апел до велешани да се вклучат во акцијата и да донесат радост во животот на децата без родители.
Претседателот на Советот на Општина Велес, Душко Петров ги соопшти активностите што ги превзема општината за децата без родители.
– Наша обврска е да им создадеме добри услови за среќно и безгрижно детство. Како општина ова постојано го докажуваме преку различен број на активности како што е финансиската поддршка на деца без родители и родителска грижа, поддршка за талентирани ученици од социјално загрозените семејства, новогодишни подароци на децата без родители и многу други активности,рече Петров.
Присутните граѓани имаа можност да ги слушнат искуствата на две семејства кои се познати згрижувачи на деца без родители во градот. Нив ги презентираа Марина Аврамова и Исмаил Дурмишовски. За предноста на оваа алтернативна мерка зборуваше Нада Трајковска од Центарот за социјална работа во Велес.
Акцијата трае и во неа можат да се вклучат граѓаните кои се подготвени да ги отворат своите домови и да ја споделат својата љубов со децата на кои тие им се неопходно потребни. Пријавувањето на заинтересираните е на телефонскиот контакт број 15 133./У.Ј