Се реконструира делот на Итна помош и вториот кат од зградата на Здравствен дом во Велес
На комплетна реконструкција и преадаптација е ставен просторот во кој е сместена службата за Итна медицинска помош во Велес. Во шесте простории, во приземјето на зградата на Јавната здравствена организација, ќе се менува електричната, водоводната и канализациона мрежа, прозорците и вратите, подот и ќе се реновира тоалетот. Во овој дел на зградата, што велешани ја нарекуваат Уред, ќе се догради и празниот простор што се наоѓа од десната страна на ходникот и во него ќе биде сместена аптеката. За да се подобри квалитетот на услугата на граѓаните ќе биде набавен и нов медицински мебел. Медицинскиот персонал ќе добие нови бира, столици и плакари.
– Ќе го подигнеме квалитетот на здравствената услуга на граѓаните и ќе ги подобриме условите за работа на лекарите, медицинските сестри, возачите и административните работници. Ова е прва реконструкција на зградата од нејзината изградба пред 50 години што ќе ја реализираме со сопствени средства во висина од 3 милиони денари. Новиот работен простор ќе овозможи да добиеме и соба во која пациентите ќе можат да добиваат услуги од дневна болница и наместо да ги носиме во градската болница тие под надзор на лекарите ќе можат да примат инфузија или друг вид на медицинска услуга. Реконструираниот простор ќе овозможи и заштеда на топлинска енергија, рече Никола Димовски директор на ЈЗО Здравствен дом Велес.
Според Димовски, ќе се реконструира и влезот во зградата кој ќе добие нова сензорска влезна врата и нов под. За време на реконструкцијата граѓаните ќе го користат задниот влез на зградата а службата на Итна помош ќе работи во Школскиот диспанзер. Во наредните два месеци и администрацијата ќе биде преместена од вториот кат кој исто така ќе добие нов изглед и подобрени услови за работа.
– Градежните работи ќе ги изведува фирмата „Евро инжиниеринг“ од Велес која има обврска реновираните и реконструирани делови од зградата да ни ги предаде во рок од 60 дена или на крајот од месец септември, рече Димовски.
Тој очекува преку проект што го аплицирале во Јапонска Амбасада да се зголеми и возниот парк на Итната медицинска служба со две нови помали возила лесно пристапни до секој дом што се наоѓа на високите делови во градот откако едно возило во договор со министерството за здравство и ЈЗО „Болница Јасеново“ е веќе отстапено на велешката Брза помош. Во моментов течат и процедурите за прием на нови двајца лекари во оваа служба. /У.Ј