Велешкото семејство Карабуштанови
Пред повеќе од двеста години семејството Бошкови на чуден начин се доселило во Велес. Кога се одомиле и кога станале познати, велешани, поради тоа што дошле од селото Карабуњиште, им го ставиле надимакот Карабуштанови. Животниот пат на ова семејство ни ја раскажа Никола Бошков, пра внук на дедо Пано од неговиот најстар син Милан Карабуштанов, а син на Благој.
„Во 1818 година Пано Бошков од Карабуњиште, им рекол на своите родители дека сака да се жени за убавата мома Лена. Таткото среќен му дал благослов на својот син и со најблиските отишле да ја побараат Лена од татко и и од мајка и. Родителите на убавата Лена дале аирлија.Почнале подготовки за голема свадба. Не само двете фамилии туку цело село биле среќни зашто Пано бил еден од најценетите млади луѓе во Карабуњиште па и во околните села. Сите со радост ја чекале свадбата на Пано и Лена. Кога биле сите најсреќни во селотото пристигнал бегот. Неговото доаѓање како гром да ги погодил. Турски закон бил младата првата вечер, наместо со младоженецот,морала да спие со бегот. Тага завладеала во Карабуњиште. Како бре убавата Лена да спие со бегот!?. Свадбата почнала. Пано, со помош на другарите, ја фатил за рака својата невеста Лена и вечерта, преку ридови, долови, избегале од селото и пристигнале во Велес. Така Пано, не само што не му ја дал невеста на бегот, туку успеал да го напушти Карабуњиште и да свие гнездо во Велес“, рече внукот Никола Бошков.
Младенците се сместиле кај роднини. Пано и Лена аргатувале ма среќно живееле. По неколку години си купиле мала куќа, веднаш над Маалска. Имале четири деца, два сина Милан и Костадин и две ќерки Софија и Ефтимија.Пано и Лена работеле земјоделие. Не биле богати. Пано работел од утро до мрак само децата да ги изучи. Сите оделе во училиште.
Куката на Карабуштанови, на чие место денеска се наоѓа зградата на поштата
Ефтимија станала учителка и се поврзала со ВМРО. Таа била една од главните курирки на Гоце Делчев од велешкиот, кавадаречкиот и неготинскиот крај. Еден ден, кога одела на работа во училиштето во Сирково, морала да помине со кораб преку Црна Река. Со себе носела пиштол и неколку писма кои требало да му ги предаде лично на Делчев. Но коработ се превртел па учителката со се пиштолот и писмата паднала во вода. Од другата страна, каде што сопирал коработ, имало турска стражарница. Турците кога виделе повикале:„Трчајте да и помогнеме на учителката оти таа се дави!“. Кога дошле и кога го нашле пиштолот и писмата веднаш ја уапсиле. Турскиот суд ја осудил Ефтимија на 101 година затвор. Била однесена во Беас Куле, во Солун, каде што била затворена се до Уриетот во 1908 година кога била амнестирана. Пред да биде затворена Ефтимија се омажила во Хаџитоневи и ја родила ќерката Донка. Додека таа била во затвор , нејзината сестра Софија, се омажила во Солун и ја зела кај себе малата Донка. И овозможила да заврши училиште и Донка станала професорка по француски јазик која покрај во Солун, подоцна учителствувала и во некои Гимназии во Скопје. Со мајка и била многу кратко зашто од тортурите Ефтимија починала во 1913 година.
Браќата Милан и Костадин решиле да одат на печалба во Америка. Работеле во повеќе места. Спечалиле многу пари. По престој од десетина години тие во 1939 година се вратиле во Велес. Со дел од богатството го купиле, како што велеле велешани, повеќе од половина Речани. Таму изградиле и куќа која од Велес до Башино село била единствена. Почнале на големо да работат со производство на градинарски култури, а имале и ситна стока поточно кози, кокошки, овци. Кога станале богати и видни граѓани дошло време да се одомат.
„Најнапред се жени дедо ми Милан. Тој е роден 1883 година. За жена ја зел Павлина Воденичарова. Имале 13 деца од кои пет им починале. Тие биле родители на Благој, Панче, Тодор, Петре, Асенчо и Ристе како и на ќерките Родна и Грозда. Грозда за време на бугарско се мажи за офицер и со него си заминува за Бугарија. По некоја година се жени и Костадин. Тој има два сина Борис и Илија. Илија бил познат македонски пејач и пеел заедно со Никола Бадев, со Сариевски и други вокални интерпретатори на народна музика“, рече Никола.
Милан Карабуштанов со сопругата Павлина Воденичарова
Куќата во која живеел нивниот татко била мала па затоа браќата со парите од Америка и од градинарското производство почнале да се купуваат сопствени куќи. На крајот од градот, на денешното место на поштата некој турски бег направил убава куќа. Во 1936 година тој си заминал за Турција и куќата му ја продал на Милан Карабуштанов. Најстариот син на Милан, Благој, прв во Неготин Краина завршил средно земјоделско училиште. За време на СХС оваа школа ја завршиле уште двајца Македонци. Во 1939 година Благој се оженил за Драгица и прв се вселил во убавата беговска куќа. Тогашните власти го поставиле за управител на Монополот.
„Како што татко ми кажуваше, на 7 април 1941 година Велес бил бомбардиран. Една бомба паднала во непосредна близина на куќата. Татко, мајка и гостин седеле на балкон. Од експлозијата половина покрив бил урнат, а еден шрапнел од бомбата го погодил татко во пределот на ребрата но не било сериозно по неговиот живот. Тако набргу го поправил покривот и продолжиле да живеат среќно во куќата“, рече синот на Благоја, Никола Бошков.
Свадбена фотографија на Драгица и Благој Карабуштанови
Благој и Драгица се родители на две деца, синот Никола и ќерката Елисавета. За време на окупацијата браќата на Драгица, Орце и Иван ,биле во напредното движење и секогаш кога им било „најгусто“ доаѓале да се скријат кај својата сестра. Па така и Драгица и Благој потајно биле вклучени во партизанското движење и за слобода на Македонија.
Орце бил еден од главните организатори на штрајкот на учениците од велешката Гимназија. Во куќата на сестра му Драгица, во една соба бил штабот на Германците, а во друга соба, на долниот кат, тој се криел.Во овој период нивниот брат Благој, како стручњак по земјоделие, бугарските власти го испраќале на работа во Битола, Гевгелија, Струмица каде што останувал по година до две. Сепак двајцата браќа успеале да заминат во партизани.
Драгица и Благој Карабуштанови со децата
По ослободувањето Благој без никаква надокнада им дал канцеларија на АМС во долниот дел на куќата на сестра му. Тој добил работа во живинарската фарма на „Бабуна“ и бил раководител на голема живинарска фарма во близина на Свиларата. Тој учествувал и во формирањето на земјоделските задруги во селата Богомила и Ногаевци. Потоа добил работа во АК„Лозар“. Благој починал во 1975 година.
Неговиот брат Панче се оженил со Ташка и станале родители на два сина Ангел и Славчо додека братот Петар, кој бил бавчаванџија, се оженил за Благојка и е татко на син Милан и ќерка Благица. Третиот од браќата, Тодор се оженил за забниот техничар Лепа и има два сина Зоран и Сашко. Четвртиот брат, Асенчо работел како учител во Косово каде што се оженил за Зорица со која имале три деца Тања, Павлина и Ристе кој се оженил за велешанката Марија Симсарова и има син Јоле и ќерка Белинда. Родна се мажи во Бугарија, во Стара Загора, има три деца Милко,Гашко и ќерка, а Грозда се омажила но немала деца.
Браќата Тошо и Асенчо Карабуштанови
Таков бил животниот пат на велешкото семејство Карабуштаните. Нивните поколенија и денес ги негуваат старите семејни традиции. Со гордост раскажуваат за животниот пат на предците и посветеноста кон семејството, Велес и Македонија. Особено за хуманоста и пожртвуваноста кон сограѓаните на кои им била потребна помош. Затоа семејното име засекогаш ќе остане симбол на чесност, хуманост и работливост во Велес.
Стоилко Андреевски