Велешкото семејство Ивчеви познато по народната песна „Се посврши сербес Донка“
Ивчеви се старo велешко семејство кое според податоци од документи на негови потомците од охридско се населило во градот пред повеќе од четири века. Најмладиот член, Никола Ивчев ги сочувал спомените за својот дедо Јован како и неговите раскажувања дека Турци или Арнаути во охридското село , ги убиле сите членови на семејството. Единствено жив останал нивниот десетгодишен син кој за време на колежот бил со стадото овци во густата шума.
Детето, за кое Никола не знаеше да ни го каже името, останало само. За него се загрижил селскиот поп кој го зел и го засолнал во црквата каде што исто како него без родители имало и едно девојче. Свештеникот ја знаел опасноста од наездата од Арнаутите па решил двете деца да ги испрати во православните храмови во Велес. По доаѓање во Велес двете сирачиња биле згрижени во една од двете цркви „Свети Спас“ или „Свети Ѓорѓија“. Живееле и работеле во црквата. По десетина години момчето и девојчето стапиле во брак. Никола не можеше да се сети на нивните имиња.
– Презимето Ивчеви семејството го добило по некои близок роднина кој се викал Ивчо. Дали бил син на момчето и девојчето незнам но, според кажувањето на дедо ми Јован, Ивчо имал немирен дух. Како младо момче се степал со некој Турчин поради што бил затворен. По неколку дена бил ослободен но, кога го напуштал затворот затоа што стражарот му се обратил со зборовите:„Мрш каурско куче. Уште еднаш да не те видам!“ тој му го зел ножот од појасот и го заклал. Веднаш бил фатен и осуден на сто и една година затвор во Анадолија. Ивчо никогаш не се вратил во Велес. Еднаш само по некој пратил поздрав и ништо повеќе, рече Никола Ивчев.
Милан Ивчев и Донка Јаричкова Ивчева
Тој раскажувајќи за семејната лоза прв го спомна познатиот велешки кондураџија Милан Ивчев. Тој бил роден во 1878 година. Милан откако занаетот почнал да го учи кај својот татко, добар кондураџија, подоцна бил еден од најпознатите велешки мајстори. Живеел со семејството во близина на месноста Мегдан,во сокакот што води од Маалска кон Бузаана, а дуќан имале во велешката чаршија. Милан бил вредно и убаво момче кое освоило срца на многу велешки моми. Но , за Милан постоела само една. Во срцето му била убавата Донка Јаричкова. И Донка била вљубена во Милан. Но, татко и Пецо не давал Донка да се мажи за кондураџијата Милан Ивчев па кога видел дека тешо ќе може да ги раздели решил да ја омажи за учителот Димко од Башино Село. Цатоа Пецо набрзина ја организирал свршувачка.
– Кога Донка дознал дека ќе ја свршуваат се договорила со Милан да биде бегалка. Не можела да замисли да се омажи за друг , а не за Милан. Била многу тажна и на денот на свршувачка, додека во соседната соба татко и Пецо и од него избраниот зет Димко со семејството разговарале Донка преку капиџикот излегла од домот и заедно со Милан, фатени рака за рака , побегнале кон домот на Милан. Татко и Пецо, ја повикал Донка да дојде за да и каже дека веќе е свршена со Димко и тогаш од мајки и дознал дека отишла бегалка со Миле Ивчев. Пецо толку многу се разлутил што се заколнал дека никогаш нема да и прости со зборовите :„Јас повеќе немам ќерка Донка! “. Во тоа време случката била невиден скандал. Цел Велес зборувал како Донка на денот на свршувачката со Димко од Башино Село, побегнала за кондураџијата Милан Ивчев. Случката е опеана во народната песна „Се посврши сербес Донка“, која веднаш станала популарна и велешани до ден денешен ја пејат како омилена народна песна, додаде Никола.
{vembed Y=2ENhUcktEOk}
Овој настан се случил во 1902 година. Набрзо по него Милан и Донка направиле голема и убава свадба на која не присуствувал ниту еден член на семејството Јаричкови. Донка била тажна невеста но, љубовта кон Милан била посилна. По една година, пред Прочка, тие го добиле синот Јован. Според народната традиција ќерката со зетот и детето треба да отидат кај таткото на невестата на проштавање. И Милан и Донка направиле план како да го омекнат натаженото срце на Пецо.
– Прадедо ми Милан зел две чоканчиња со ракија и со Донка и новороденчето Јован, отишле кај Пецо. Пецо најнапред не сакал ни да ги погледне но, поради големиот ден Прочка, ги примил. Седеле и молчеле. Пецо никако проштевање не давал. Тогаш Милан го извадил едното чоканче со ракија и му го дал. Пецо го зел и го скршил од подот. Милан го извадил второто чоканче кое Пецо исто така го скршил. Во тој момент Милан го зел детето од рацете на Донка и му рекол: „Дедо на и ова скрши го!“. Пецо го зел детето во рацете и долго гледал во него. На крајот со насолзени очи рекол: „ Ова не се крши. Нека е живо и здраво, а вас и од мене и од Господа просто нека ви е!“. Така Пецо и простил на својата ќерка Донка која за својата храброст народот и дал надимак „сербес“, што значи слободна,рече Никола.
Песната за сербес Донка станала многу популарна и се пеела не само во Велес туку и во многу други градови. Немало свадба или веселба, а да не биде испеана песната за храбрата Донка. Набрзо по Јована, Донка станала мајка и на синот Славе, а по две години и на ќерката Веса, а потоа на уште два сина Борис и Богдан. Најстариот синот Јован немал мерак да го наследи татковиот занает и го изучил касапскиот занает за кој интерес покажале и помладите браќа Славе и Борис. Затоа семејството Ивчеви, освен што е познато како кондураџиско било и касапско.
Најстариот син Јован на дваесет и три годишна возраст се оженил за убавата велешанка Ангелина, која штотуку родена го изгубила својот татко Трајко бидејќи тој загинал на солунскиот фронт,како србски војник. Јован и Ангелина имаат три деца Лилјана, Лепа и Љубомир. Сите тројца се веќе починати.
За време на СХС Јован работи како касап, а учествува во Втората светска војна како србски војник на фронтот во реонот на Струмица. Уште при првото доаѓање на Германците единицата на Јован била предадена од србските офицери па при една експлозија на бомба , Јован бил ранет од шрапнел во рамото. Го оперирал германски лекар. Додека лежел во струмичката болница лекарот требало да замине на друг фронт па на разделба му оставил три кутии со цигари, ќебе и едно чоколадо, кое било реткост во тоа време. По неговото заминување дошоле бугарски офицери и војници. Еден офицер дошол до него и му рекол:„Мискин ти и така ќе умреш. Ова не ти треба !“. Потоа му земал се што му дал германскиот лекар. Го оставил потполно гол. По дваесетина дена Јован пратил абер до неговите кој дошле со чеза и го однеле во Велес. Јован поради раната во рамото повеќе не можел да работи како касап па станал добар стручњак за ценење на квалит на тутунот и бил вработен во Монополот. Бил добар мајстор и често бил испраќан да обучува други лица за ценење на тутунот.
По пензионирањето Јован, со лулето во уста, секој ден на мало столче, седеше пред вратата на новата куќа во центарот на Велес. Секогаш знаеше да се пошегува и да каже нешто од историјата на Велес и на Македонија. Беше човек со богат дух, полн со добрина и секогаш им помагаше на сите на кои им требаше помош. Јован го напушти овој свет во 1979 година, а неговата сопатничка Ангелина почина три години порано, односно во 1976 година.
Најстарата ќерка на Јована, Лилјана се мажи за Никола Капетанката и има четири деца: Иле, Ване, Љупчо и ќерката Маргарита. Лепа се мажи за Никола Целцев и заминуваат за Америка каде ивееја до крајот на својот живот. Тие беа родители на четири сина Златко, Драган, Тони и Димо.
Љубомир Ивчев со синовите Јовица и Никола
Синот на Јован,Љубомир се ожени за Косара од струшкото село Подгорци. Тие се родители на два сина, на Јовица кој е познат лекар хирург во скопска клиника и на Никола. Татко им Љубомир беше новинар во Радио Велес.
Љубомир Ивчев со колегите Стоилко Андреевски и Никифор Смилев како и со поетесата Македонка Јанчевска
Братот на Јован, Славе се жени за Камка и имаат син Тоше и ќерка Иванка. Во средината на седумдесетите години заминуваат за Скопје.
Сестрата на Јован, Веса се мажи за Пано но, по една година во брак, починува.
Братот на Јован, Борис се жени за Родна со која имаат два сина Ангел, познат по прекарот Анината и Живко како и две ќерки Дона и Светлана.
Најмалиот брат на Јован, Богдан бил учесник во НОВ, старешина и затвореник на Голи Оток. Тој се жени со Васа од Штип. Имаат син Милан и ќерка Виолета.
Тоа е семејната историја на Ивчеви што ја знаат сите стари велешани. Овој текст го пишувам за помладите велешани и генерациите што ќе се раѓаат во градот и кои додека ја слушаат или пејат народната песна „Се посврши сербес Донка“ да знаат кому таа била посветена и кои се потомците на ова старо велешко семејство. Верувам дека песната за убавата Сербес Донка уште за многу генерации ќе биде песна за девојката што се откажала од се но не и од љубовта кон саканиот.
Стоилко Андреевски