Којничани бараат Градоначалникот и Директорот на ЈКП „Дервен“ да ја посетат плоштадката уништена од вандали
„Градоначалниче на Велес, Аце Коцевски и директоре на ЈКП Дервен Ѓоре Стојанов одделете десет минути од вашето време и дојдете на плоштатката на улица „Васил Ѓоргов“, во близина на плоштад Којник за да видите со свои очи што направија вандалите со водоскокот за вода, со лулашките, клацкалките и клупите“, напишаа граѓаните жители на Теќе, Бричкова и Прчиева чешма и на Којник.
Овие граѓани на Велес исто така бараат градот и комуналното претпријатие да интервенира и повторно да го доведе во употреба местото што голем број од нив го користеа за починка од уморот од искачувањето по угорнината кон своите домови a децата за игра.
„За ваше сознание проблемов не е вчерашен. Вандалите го направија пред неколку месеци и со него се запознати некои од одговорните и од Општината и од ЈКП „Дервен“. Но, до сега никој не презеде мерки за одговорност и за поправка,“ пишуваат граѓаните.
На граѓаните од овој дел на Велес особено им треба чешмата со вода за пиење а ништо помалку не се важни ни клупите за одмор како и реквизитите за игра и забава на децата. /С.А.