Заев од Велес: „ Ајде почитувани граѓани да му покажеме на светот дека сме достојни да бидеме рамо до рамо, сплотени и единствени“
„Во европска Македонија младите ќе сакаат да останат дома“, рече синоќа на граѓанскиот собир во Велес „Излези ЗА европска Македонија“ премиерот и претседател на Социјалдемократскиот сојуз Зоран Заев.Обраќајки им се на велешани тој ги повика младите во градот да бидат одговорни и да ја исполнат својата обврска на 30 септември, како што рече, „ова е неповторлива шанса која што не смееме да ја пропуштиме“.
„Имате право да учите школо еднакво квалитетно како сите во западните европски земји. Имате право да разменувате студентски студиски програми насекаде во Европа. Имате право да имате квалитетно европско здравство. Имате целосно право да бирате работа којашто ќе биде добро платена. Имате право овде да останете, во Македонија и овде да го планирате своето семејство. Имате право и обврска да си ја чувате оваа Македонија којашто е оставена во аманет на Вас младите луѓе“, рече Заев.
Тој додаде дека на демократскиот свет треба да му се покаже дека во Македонија има свесен, зрел, трезвен демократски народ којшто знае што е најдобро за својата земја, но и знае да го почитува големото пријателство коешто е испорачано према нашата држава.
„ Ајде почитувани граѓани да му покажеме на светот дека сме достојни да бидеме рамо до рамо. Сплотени сме, единствени, ова е над партиите, над Заев, над Мицкоски, над Ахмети, над кој било во државата. Ова е за Македонија, нешто за што нашиот народ мора, треба и сака да одлучи. Доволно се 27 години влечкање, доволно е шлапање во калта. Време е за Европа, за НАТО, за живот за сите во Македонија,“ рече Заев.
Осврнувајќи се на направениот компромис со Грција кој иако „пече и боли во градите“ и во кој е признаен македонскиот идентитет и македонскиот јазик Заев додаде дека е вреден затоа што ги отвора сите перспективи за Македонија.
Велејќи дека референдумот не е политичко прашање на кое треба да имаат монопол за одлучување СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ туку е надпартиски, надполитички, од највисок стратешки судбински интерес за сите граѓани на РМ, во кои граѓаните на Република Македонија не губат „речиси ништо а добиваат многу“ со задржувањето на зборот Македонија во името со што „ го зачувуваме и го зацврстуваме идентитетот“ Градоначалникот Аце Коцевски, рече:
– Се согласувам дека одлуката за ставање придавка пред вековното име Македонија не е лесна, но апелирам, ве замолувам да бидеме реални. Нема место за сомнеж дека во тешките децениски преговори во апсурдниот спор со Грција можело да се постигне подобар договор, ако тоа било можно тоа ќе го направел нашиот тим. Нашиот македонски јазик ќе биде рамноправен со другите европски јазици на земјите членки на ЕУ и гордо ќе звучи во Европскиот парламент и во другите институции на ЕУ, рече Коцевски.
Тој ги повика велешани на 30 септември да излезат ЗА европска Македонија, бидејќи како што рече Велес и Велешани секогаш биле на вистинската, на прогресивната страна.
На граѓанскиот собир во Велес „Излези ЗА европска Македонија“, исто така, своите ставови зошто ќе гласаат за на претстојниот референдум ги соопштија европската судијка во карате Клементина Војдиновска и стопанственикот Душко Ќумбев./У.Ј