Јанушев од Велес: Тие што не го погледнале Договорот да го прочитаат и убеден сум дека се доволно паметни и свесни за да одлучат како ќе постапат на 30 септември
Во секојдневните разговори со сограѓаните, во различни градови во државата, им ги појаснуваме штетните последици од капитуланскиот договор кој Владата на Заев и на СДСМ го потпишаа и она што е евидентно во разговорите констатираме дека има и помал дел од граѓани кои воопшто не се запознати или во помал обем се запознати со текстот на истиот, рече во Велес на средбата со новинарите, вчеравечер, понеделник 17 септември, генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ Игор Jанушев.
– Она што може да се забележи, кај најголемиот дел од нив, е дека воопшто не се согласуваат да прифатат едно вакво капитуланско дело кое не само што значи бришење на името на државата, туку и на идентитетот, на јазикот, на се што е македонско и за кое што со векови наши претходници се бореле и се залагале, додаде Јанушев.
Тој одговараше на новинарските прашања по средби со граѓаните во Велес и пред одржување на средбата со највисокото партиско раководство на Општинскиот Комитет за која рече дека ќе биде од отворен карактер, за сите партиски членови и симпатизери и на која ќе се разговара за актуелната политичка ситуација и за внатре партиски теми.
Прашан за следните протесни маршеви низ државата Јанушев рече:
– Да, планираме уште најмалку еден протестен марш што ќе се одржи идната недела и за кој во наредните денови ќе ја објавиме локацијата и времето на одржување на тој настан.
Тој ги демантираше информациите дека во вчерашниот ден Велес требало да го посети Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски и на прашањето дали ќе има наредни средби со граѓаните на кои можеби ќе ја соопшти одлуката зошто го бојкотира референдумот Јанушев рече:
– Партијата не донела став да го бојкотира референдумот. Партијата се реши за најдемократскиот и најслободоумниот начин на изразување на граѓаните за што повеќе пати објаснивме дека ова е прашање кое што е над сите политички партии и над секој поединец во Македонија, задира во чувството на сите нас како Македонци. Македонскиот народ има многу пропатено во изминатиот период , особено од година ипол и е доволно свесен и знае како ќе постапува на самиот ден на референдумот на 30 септември. И ова што денеска го направивме е посета на граѓаните, разговор со нив и како што кажав претходно за оние кои немаат доволно информации за самиот Договор со Грција да им објасниме зошто ние како партија сме против и зошто го сметаме за капитулански и штетен. Исто така она што е доста евидентно е начинот на кој што пробува власта, во последен момент, да ја вовлече ВМРО ДПМНЕ во целата оваа приказна, откако цело време ја држеше на страна, бидејќи и за нив е се поевидентно дека референдумот нема да успее. Сега пробаат да се извлечат на „картата на ВМРО ДПМНЕ “ . Ние тоа не го прифаќаме, го кажавме нашиот став од самиот старт. Од друга страна го гледаме Заев како јавно нуди и повикува на поткуп за што поднесовме кривична пријава и бараме од Обвинителството да постапи. Ако одиме по еден следствен тек на настаните се погласни се шпекулациите дека СДСМ е спремна да се дрзне на фалсификат на самиот референдум за што се надевам дека граѓаните нема да го дозволат. И ние како политичка партија ќе застанеме на вистинската страна и нема да дозволиме понатамошно урнисување на државата, рече Јанушев.
Прашан дали има разногласие во партијата и како ги коментира изјавите на Никола Тодоров дека тој ќе излегол и ќе гласал на референдумот, дека ВМРО ДПМНЕ треба да ги повика членовите да излезат и да гласаат како и ставот на градоначалникот на Кавадарци, кој е висок партиски функционер како и на Емил Димитриев, Јанушев рече:
– Изјавата на Емил Димитриев ја немам погледнато. Во однос на изјавата на Подпретседателот и Градоначалник на Кавадарци, тој исто така ја имаше дадено изјавата пред соопштувањето на официјалниот став на партијата. Се до донесувањето на официјалниот партиски ста нормално дека секој од нас размислува поинаку од другите и можевме секој лично да го соопштиме. Сега го имаме официјалниот став на партијата и тоа е тоа што можеме да го соопштиме од партијата. Изјавата на Тодоров, ако ја погледнете внимателно и доколку не се лажам, тој кажа дека ги поддржува ЕУ и НАТО но е против Договорот со Грција. Дали некој ќе ја свати или ќе ја толкува на еден или на друг начин значи останува на сите нас тоа да го направиме. Понатаму не би коментирал, треба нив да ги прашате да ви кажат што мислеле со тоа што го кажале.
На крајот Јанушев упати порака до велешани во која апелираше тие што не го погледнале да го прочитаат Договорот додека за граѓаните кои тоа го сториле рече е убеден дека ги знаат штетните последици како и дека се доволно паметни и свесни за да одлучат како ќе постапат на 30 септември/У.Ј