Велешкото семејство Здравкин, познато по градителството во градот
Немало жител во Велес што не го знаел семејството Здравкинови кое живеело во убава куќа под Којник. Мајстор Никола, бил ѕидар. Бил голем мајстор па го викале да гради куќи и кај христијани и кај муслимани. Тој бил весел човек. Така за него говорелe и другарите и граѓаните. Роден е во 1875 година. Занаетот го научил од татко му. Кога наполнил 25 години се оженил со Васа со која имале четири деца: синовите Ѓело, роден 1900 година, и Димче како и ќерките Фита и Марија.
Ѓело Здравкин со видни велешани
Ѓело бил наследникот на Никола. Таткото и синот купиле место во „Дворови“, до железничката пруга, на кое изградиле убава куќа. Ѓело бил активен во напредното движење за слободна Македонија. Се дружел со интелегенцијата и покрај тоа што контактирал со работниците во градот. Тој завршил основно и средно образование.
Во 1928 година, во време на Стара Југославија, се оженил со велешанката Василка, ќерка на Алексо Панчев. Василка била една од поголемите активистки во Велес. Таа активно учествува во напредното движење за слободна Македонија. И како сопруга на Ѓело била во постојана врска со народниот херој Димче Мирчев и првоборецот Маца Карбева. И тоа во време кога семејството Здравкинови, свекорот Никола, свекрвата Васа, синот Ѓело и снаата Василка, живееле во приземјето а на горниот кат потстанари биле бугарски офицери. Василка ги дознавале плановите на Бугарите и веднаш му ги пренесувала на Димче Мирчев додека Ѓело често во подрумските простории каде имал столарска работилница успевал во изработените мртовечки сандаци да ги сокрие илегалците на народноослободителното движење.
Умните и снаодливи сопружници, Ѓело и Василка, станале родители на два сина и една ќерка. Нивна прва рожба, во 1930 година, е синот Мето, потоа ќерката Нада и на крај вториот син Љубе.
Ѓело Здравкин и Благој Тикваров
По ослободувањето Ѓело Здравкин е назначен за прв директор на национализираната велешката циглана на семејството Анѓушеви. Подоцна таа се рави во керамичката индустрија „Киро Чучук“.
Директор Ѓело бил многу ценет и почитуван помеѓу работниците и сограѓаните. Тој бил вреден, дисциплиниран и принципиелен човек чиј работен ден започнувал пред доаѓањето на работниците а завршувал откако тие ќе заминеле дома. Кога ќе ја виделе „чезата“ како се движи по прашливиот пат и оди кон цигланата сите знаеле дека тоа е Ѓело кој прв, пред работниците, одел на работа, рече неговата снаа Султана Здравкин.
„Свекор ми беше многу правичен човек и не трпеше лага. Умееше да подвикне но, лутината многу брзо му минуваше. Работеше и дома, ноќе, со констатација дека работа не се остава од денеска за утре. Многу ја почитуваше и ја ценеше свекрва ми, Василка. Таа освен грижата за децата и домаќинството му беше голем помошник во решавањето на проблемите во цигланата. Таа беше многу добра, умна и вреднаа жена.“
Мето Здравкин еден од главните градители на индустриските капацитети во Велес во минатиот век
Осумдесет и пет годишната Султана Здравкин се потсети на многу моменти од заедничкиот живот на семејството во кое станала прва снаа кога се омажила за постариот син Мето. Тој веќе бил завршен градежен техничар на загребската школа и вработен во Градежното велешко претпријатие „Бетон“. Мето Здравкин ги градел популарно наречените егејски станови спроти велешката Гимназија. Тоа била неговата прва работна задача. Создадениот ред од квалитетни градби, двокатни куќи, во кои биле сместени становите за новите жители во градот не останал незабележан од Велешани. Мето почнале да го бараат и ангажираат граѓаните кои граделе индивидуални семејни живеалишта. Го барале да ги гради или да им биде надзор во изградбата. Сепак во неговиот работен век особено значаен е периодот кога како вработен во Градежното претпријатие „Пелагонија е еден од главните градители на индустриските капацитети како што се Топилницата за олово и цинк, фабриката за производство на вештачки ѓубрива „ ХИВ“ и многу други фабрики.
Мето бил професионалец но и човек што не наплатувал кога бил повикан од граѓани при изградбата на нивните куќи.
Тој со убавата ќерка Султана, од семејството на Мегданчаните Поп Димови, се оженил во 1954 година. Тогаш Султана само што ја завршила трговачката гимназија во Скопје и се вработила во ДОЗ „Македонија“. Таа во осигурителната компанија работела се до своето пензионирање. Сега и на своите 85 години сеуште е вредна домаќинка и мајка на два сина, Огнен и Ангел, како и баба на четири внуци и еден правнук.
Султана и Мето Здравкин на свадбена фотографија
„Мето ми беше другар и сопруг во животот. Беше многу добар човек едноставно кажано „либерте“ или како што велешани умеат да кажат „овардар човек“. Мислам дека заради тие карактеристики беше особено почитуван од сограѓаните. По неговата смрт јас живеам во нашата семејна куќа со двајцата синови Огнен и Ангел и сум благодарна на Бога што нив ги имам, што тие имаат свои семејства. Јас сум во заедница со помалиот син Ангел и снаата Ленче и не можам да се пожалам бидејќи го добивам нивното внимание како и почит од внуците“, додаде Султана.
Таа во дел од разговорот се потсети на времето кога семејството Здравкинови, во 1960 година, ја омажило ќерката и нејзина золва Нада за велешанецот Ристо Јанев како и на заедничките семејни прослави и одбележувања, на раѓањето на двете ќерки на Нада, Јасминка и Лидија. Дел од нашиот разговор Султана го посвети и на деверот Љубе и на годините кога по завршување на Гимназија во Велес заминал да студира Технолошки факултет во Загреб и како дипломец се вратил во родниот град за да се вработи прво во „Порцеланка“, а потоа во фабриката за масло „Благој Ѓорев“. Во 1974 година Љубе се оженил со скопјанката Стевка со која има два сина, Горан и Сашко.
„И девер ми Љубе како и золвата Нада починаа многу млади. Тие семејни трагедии некако успевавме да ги надминеме. Животот тече и во него се се менува, констатираше на крајот од разговорот Султана Здравкин.
Ова е животната приказна на семејството на познатиот велешки ѕидар Никола, на неговата жена Васа, на Ѓело, Димче,Фита, Марија, на Методија, Нада и Љубе Здравкинови.
Со своето постоење ова семејство остави длабоки траги во животот на Велес кои траги засекогаш ќе останат како вечен спомен.
Стоилко Андреевски