Основен суд Велес, денеска, ги отвори вратите за граѓаните а учениците и судиите симулираа процеси за остварување на право и ефикасна правда за сите
Го разгледаа Основниот суд во Велес и се запознаа со работата на судската администрација, влегоа во судница и учествуваа во симулации на судски процеси на двата оддели, на граѓанскиот и на кривичниот, четириесеттината ученици на двете средни училишта „Гимназијата Кочо Рацин“ и економското „Јовче Тесличков“. Тоа се случи денеска на Европскиот ден на граѓанска правда, што се одбележува на иницијатива на Советот на Европа и Европската Комисија, кога судот во Велес ги отвори вратите за граѓаните.
-Овој ден се одбележува во цела Европа, во судовите и во сите други правосудни институции, како обележје на правдата и поредокот. Денеска и ние како Основен суд, кој е дел од тој систем, ги отворивме вратите за граѓаните. Судот во Велес постои 74 години, основан со Повелбата на АСНОМ, прво како Околиски суд а денеска како Основен суд со мисија за остварување на правото и ефикасна правда подеднакво достапна за сите граѓани. Денеска на отворениот ден целта ни е да го доближиме Судот како институција до граѓаните и до вас, сега ученици а во иднина граѓани на Велес. Во Основен суд Велес се вработени 17 судии, вклучувајќи ме и мене, како и 62 судски службеници. Судот има проширена надлежност што значи дека суди предмети од сите видови на кривични дела и прекршоци и сите дела на граѓански, стопански спорови, стечај и ликвидација во Вардарскиот регион на Република Македонија, рече претседателот Александар Шопов на приемот на учениците.
Потоа учениците се поделија во две групи и влегоа во по една од судниците на Кривичниот и на Граѓанскиот оддел на судот.
Најголем дел од нив прашани од претседателката на Кривичниот оддел, судијката Габриела Гајдова,кога ги слушаат зборовите суд и обвинет на што прво помислуваат, учениците едногласно одговорија на маж а симулација на која присуствуваа и беше модерирана од судијката всушност беше поврзана со кривичен предмет во кој со лицето на правдата требаше да се соочи жена, обвинета за кривично дело тешка кражба.
Интересна беше и симулацијата што ја креираше и модерираше претседателката на Граѓанскиот оддел, судијката Лидија Димова, кога учениците во улоги на тужител и тужен, замешувач, судија и судии поротници одржаа усна, главна и јавна расправа по предметот што го поднела „најстарата ќерка на принцот Рение од Монако и во која таа се обидува да го заштити објавувањето на фотографии од нејзиниот приватен живот“. Така, полномошникот на тужителот, ученичката Александра Аврамова, полномошникот на тужителот, ученичката Кејти Андоновска и застапникот по закон на „Здужение на новинари“, ученикот Лазар Петкоски ги соопштија своите аргументи и факти зошто биле или не требало да бидат објавени фотографиите на светски познатата јавна личност во популарен магазин кој ги објавил под наслов „Бакнежот“ или „Тие повеќе не се кријат“.
И покрај интересната одбрана на бранителот на „Здружението на новинари“: Во името на граѓаните беше донесена Пресуда во која Судот утврди дека на тужителката и е повредено правото на приватен и семеен живот. Тужениот да и исплати надомест на штета во висина од 50.000 евра и да ги плати судските трошоци во износ од 5.000 евра во рок од 15 дена затоа што без дозвола на принцезата објавил фотографии од нејзиниот приватен живот.
Она што беше интересно е дискусијата што потоа се разви во судницата на Граѓанскиот оддел на судот кога учениците посочија пример што се случил во Гимназијата кога нивни врснички биле фотографирани, без да знаат, а нивната фотографија завршила на Фејсбук како компромитирачка, со недолични коментари. На крајот заедно со судијката Димова тие заклучија дека особено треба да се внимава со фотографирањето и споделувањето на фотографии на социјалните мрежи за премногу да не се открива приватноста на фотографираните. И секој граѓанин да внимава самиот да го заштити своето право на приватност и да го спречи правото на другите да пренесуваат информации, фотофрафии, затоа што и тие се дел од личните податоци и можат да бидат предмет на право на заштита пред судовите./У.Ј