74 години слободен Велес
Со традиционалниот прием на делегацијата на Општинската Организација на Сојузот на борците, во чиј состав беше и Претседателот на националната организација прим. д-р Никола Стојанов, од страна на Градоначалникот Аце Коцевски започна чествувањето на 9 Ноември, Денот на Општина Велес.
Коцевски во името на сите велешани им упати благодарност за нивниот голем придонес за слободата што им ја донесоа на граѓаните на Велес.
По повод празникот на градот, делегации на Општина Велес, Општинската организација на Сојузот на борците, Армијата на Република Македонија, Општините Ужице и Сомбор – Република Србија, институции, политички партии и здруженија на граѓани, положија цвеќе на Спомен-костурницата и им оддадоа почит на хероите што го положија животот за Велес и Македонија.
Букети цвеќе беа положени и пред бистите на Димче Мирчев и Благој Страчковски, кои беа борци на партизанскиот одред „Димитар Влахов“ и маченички загинаа за слобода на својот народот и Македонија. Нивните бисти општината неодамна ги врати во Младинскиот парк.
Во Младински парк, во одбележувањето на празникот на родниот град, учествуваа и децата од сите клонови на градинката „Димче Мирчев“.
Децата заедно со наставниците презентираа макети од најзначјните знаменитости на Велес. Вредните детски раце ги изработија Саат кулата, Спомен-костурницата, Мало мовче и споменикот на Гемиџиите.
Тие исто така пееја песни за својот град и за градинката во која се згрижени.
Комисијата за заштита на правата на децата при Советот на Општина Велес додели пригодни награди и пофалници за учениците кои учествува на ликовниот конкурс „Велес во срцето“./У.Ј