Општинатa изработува нови ДУП-ви за уредување на Велес и заврши неколку инфраструктурни и сообраќајни проекти
Еден од Деталните урбанистички планови што градот ќе ги добие наскоро е за делот во кој се наоѓаат централниот градскиот парк, стадионот, Младинскиот парк, зградата на поранешниот Офицерски дом и зградата на библиотеката „Гоце Делчев“.
– Со овој план се предвидуваат повеќе нови содржини меѓу кои ротонда за нов кружен тек на сообраќајот на местото на кое сега се наоѓаат семафорите, нова пристапна улица до градскиот стандион, од задната страна до спортската сала „Гемиџии“ како и трибини на градскиот фудбалски стадион. Исто така се работи на ДУП во кој е предвиден затворен училишен базен како и друга планска документација за повеќе клучни локации во градот, рече градоначалникот на Велес Аце Коцевски.
Тој додаде дека делот од овој ДУП, каде што се наоѓа бензинската пумпа на „Макпетрол“ , ќе го финансира компанијата АД „Макпетрол“ Скопје.
Исто така на денешната прес конференција беше соопштено дека завршена е реализација на проектот за реконструкцијата на улица Самоборска која е значајна за Велешани поради пристапноста кон градската Општа болница. Улицата е проширена во должина од 160 метри за што општината од буџетот издвои околу 3 милиони денари и со 13 милиони и 910 илјади денари е завршена реконструкција на водоводна линија за населба Превалец и за населено место Оризари. Во исто време завршија и градежните работи на новото сообраќајно решение на раскрсницата кај „Панини“ на спојот на сообраќајниците „Благој Ѓорев“, „Наум Наумовски Борче„, „Трета Кумановска бригада“ и „Оливер Китановски“. Во изминатиот периот вкупно 17 улици во Велес и во населените места на територијата на општината се послани со нов бетон или претрпеа други интервенции.
– Во моментов се работат проекти за улици во индустриска зона Узус . Во тек е тендерска постапка за избор на проектантска куќа за изработка на проектна документација за реконструкција на топловодниот систем во ООУ Блаже Конески како и активностите за отпочнување за изработка на проект за инфраструктура и основен проект за изградба на примарна и секундарна дистрибутитивна гасоводна мрежа во Општина Велес, додаде Коцевски.
Општината може да ги планира активностите поврзани со реконструкцијата на водоводни и канализациони линии на 9 улици во Велес откако Европската Инвестициона Банка преку Министерство за транспорт и врски одобри проект во вредност од околу 650.000 евра.
Градоначалникот Коцевски информираше дека е завршена и интервенцијата за одделување на салата „Бели мугри“ од останатиот простор што го користи библиотеката „Гоце Делчев“ со цел да профункционира Младинскиот креативен центар и сите здруженија на граѓани, фолклорни, танцови групи, оркестри, музичари и аматерски театарски групи да ја користат салата за вежбање и организација на настани. Во најкраток можен рок ќе биде избран тим за управување со овој Центарот за да обезбеди соодветни услови за граѓанскиот сектор од областа на културата и уметноста како и за сите останати граѓански организации. /У.Ј