Реакција на ОО на СДСМ – Велес: Повторно изнесени лаги, шпекулации, неосновани и неаргументирани обвинувања од ВМРО ДПМНЕ
Изнесени лаги, шпекулации, неосновани и неаргументирани обвинувања,вака денеска ја оцени прес конференцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Велес, локалната власт предводена од ОО на СДСМ. Во нивното соопштение за јавност пишува дека ВМРО ДПМНЕ уште еднаш го покажал грдото лице на политиката и политичарите кои за среќа, веќе се минато.
„Тие, со нивните погрешни политики, со лажниот патриотизам, со популизмот, со криминалното и недемекроатско раководење со локалната и централната власт направија Општина Велес и Република Македонија да бидат ограбени, понижени, во безизлез и на чекор до дното и до бездната. Поголеми црнила од тие што ги оставија, зарем има?
За да се санираат последиците од нивното антидржавно и недемократско владеење, за да се ослободи заробената држава, за да се врати демократијата, за да профункционираат урнисаните институции, за да го повратиме изгубениот меѓународен углед, вложивме многу труд и енергија, кои веќе ги даваат очекуваните резултати.
Македонија сега пак е демократска држава, со голем меѓународен углед , на чекор од влезот во НАТО и со перспектива за брзо почнување на преговорите за членство во ЕУ,“ пишува во соопштението на Општинската организација на Социјалдемократскиот сојуз на Велес.
Од таму сметаат дека Општина Велес од презадолжена општина со изгубен углед и нарушен кредибилитет, со руинирано јавно комунално претпријатие , за една година повторно била меѓу најдобрите општини, со огромен углед и во земјата и кај меѓународните институции, општина за пример.
„ Лагите и клеветите дека Градоначалникот Коцевски во 2009 –та година ја оставил во долгови општината, ги изнесувате за да ги збуните граѓаните, дека, божем сите се исти, дека сите лажат и дека сите крадат. Тоа не е, не може и не смее да биде точно. Граѓаните добро знаат да направат разлика. Вистината е дека градоначалникот Коцевски во 2009 – та година ја остави општината со салдо на сметката од 250. 000 евра, а ја затекна во 2017 – та година со скоро 3 милиони евра долгови. Во 2018 –та година , општина Велес само за комунална инфраструктура има вложено многу, многу повеќе во споредба со вложувањата во 2015, 2016 и 2017 година,“ пишува во соопштението на ОО на СДСМ – Велес.
Политичката партија на власт додава дека како на централно така и на локално ниво, како досега така и во иднина, ќе продолжеле да работат чесно, одговорно, транспарентно и со голема посветеност во интерес на сите граѓани./У.Ј