Локалниот граѓански совет и „Зелената коалиција“ формираа коалиција за иднината на Велес
Зонско паркирање, развој на велосипедски патеки, поттикнување на велосипедизмот и пешачењето, намалување на возилата во централното градско подрачје, воведување на пешачки зони, решавање на проблемите со гаражирањето, поттикнување и развој на еколошки јавен превоз со електрични возила и воведени линии до највисоките зони на градот, намалување на загадувањето се елементите на двете Стратегии клучни за иднината на Велес и се приоритети за визијата за развојот на градот како паметен и град со план за одржлива урбана мобилност.
Концептите денеска ги презентираше градоначалникот на Велес, Аце Коцевски пред триесеттина претставници на граѓански организации, заедно со членките на „Зелената коалиција“, како и претставниците на администрацијата на денешната средба на Граѓанскиот локален совет.
– Велес треба да биде добар за нашите деца. Додека во Европа и светот овие стратегии се водечки во развојот на градовите, за жал во Македонија сеуште не се применуваат. Велес може да биде пионер во овие области, рече Коцевски.
Градоначалникот преку фотографии и документи поточно Стратегии ги пренесе искуствата од Малме, Виена, Љубљана и Загреб.
Претставниците на здруженијата на граѓани дадоа свои креативни идеи и изразија силна поддршка за визијата за развој на Велес во која ќе се вклучат преку заеднички активности и проекти. Тие формираа нова граѓанска коалиција која наскоро ќе го добие своето име.
Според предлозите приоритетни треба да бидат активностите за едукација и јакнење на свеста на граѓаните за еколошките навики во сообраќајот. /У.Ј