Падна првиот снег во Велес, освен улицата кон болница останатите не се исчистени
Од денеска претпладне паѓа снег во градот. Интензитетот е различен во различни периоди од денот. До пладне во градот и на територијата на општината има паднато околу 3 сантиметри снег. Според најавите на Управата за хидрометеоролошки работи снег се очекува да паѓа и во текот на ноќта, среда 9 кон четврток 10 јануари, како и во текот на утрешниот ден. Температурата на воздухот во 19:30 часот во Велес изнесува минус 4 степени Целзиусови.
Според информации на Центарот за кризи сите локални и регионални патни правци во општина Велес се проодни. Прооден е и автопатот Велес- Скопје и Велес – Гевгелија. Тој е прв приоритет на ЈП „Македонија пат“. Претпладне на нив е фрлена сол и ризла додека од доцна попладнево почнало расчистувањето на снегот.
Според Општина Велес засега исчистена е улицата „Самоборска“ која води кон градската Општа Болница. Но, таму чистел ЈП „Македонија пат„ а не ГП „Изгрев“ кој го доби тендерот за чистење на улиците во Велес.
Улицата „Самоборска“ сепак е расчистена само до централната зграда на ЈЗУ „Општа болница“ – Велес а не и кон објектот Инфективно одделение кое е во состав на болничкиот комплекс и продолжува кон куќите под Вршник за потоа кружно да се поврзе со Љубљанска или втор болнички дол.
Инаку ГП „Изгрев“ треба да ги расчисти и централните градските сообраќајници како што се „Благој Ѓорев“, „8 Септември“, „Димитар Влахов“ и на останатите во Нова населба додека граѓаните треба да ги чистат споредните улици. Вечерва тие беа полни со снег, како коловозите така и тротоарите.
Општина Велес преку соопштение им се обрати на велешани во кое пишува дека поради ниските температури , во ноќните часови и до 15 степени под нулата, како и поради обилните количини на снег и можни подмрзнувања на коловозот, возачите внимателно да ги управуваат возилата.
„Се апелира до возачите доколку немаат потреба од користење на моторни возила, да се воздржат од користење на истите во периодот додека сообраќајот се одвива отежнато и во зимски услови.
Се оценува дека временските услови ќе го отежнат движењето на возилата по патиштата и улиците, како и на пешаците по голем број од тротоарите, особено на помалите споредни улици.
За да се обезбеди непречено и безбедно движење на сите учесници на сообраќајот, посебен акцент деновиве им се става на тековните контроли, укажувања и апели до сите кои можат и треба да придонесат за остварување на оваа цел.
Возачите уште еднаш се потсетуваат да ја прилагодат брзината според условите на патот, да се воздржат од консумирање на алкохол додека управуваат со моторно возило, да избегнуваат зборување на мобилен телефон додека возат, да практикуваат односно држат поголемо безбедносно растојание поради лизгавите коловози.
Општина Велес им благодари на сите граѓани кои ги почитуваат законите и правилата и со тоа лично придонесуваат за безбедноста на сите учесници во сообраќајот,“ пишува во апелот на општината./У.Ј.