Здравствениот дом во Велес комплетно реновиран и реконструиран доби и лифт
Целосно реновираните простории во Здравствениот дом во Велес ќе го подигнат квалитетот на здравствените услуги на граѓаните. Двете нови возила за Итна помош што ќе ги добие оваа јавна установа, како грант од Јапонската Амбасада ќе придонесат за унапредување на дејноста. Имплементирањето на новиот модел на Мобилни сервиси треба да ги направи многу поблиски здравствените услуги до граѓаните кои живеат во населените места на општина Велес и на соседните, рече министерстот за здравство Венко Филипче. Тој денеска присуствуваше на свеченото предавање на реновираниот Здравствен дом во Велес.
-Мобилните сервиси треба да ги направат подостапни здравствените услуги за граѓаните во населените во кои нема концесионери, матични лекари, па жителите се принудени да патуваат до Велес и тука да бараат здравствена услуга како и да купуваат лекови. Со новиот Мобилен сервис сакаме да ги доближиме услугите за мајките со мали деца, граѓаните со хронични болести како и потешко подвижните. И да го надополниме сревисот за Мобилна аптека за да на тој начин жителите во овие рурални средини ги добијат севкупните здравствени услуги, рече Филипче.
Освен комплетно реновираната Итна помош и административниот дел сместен на третиот кат во зградата на Здравствениот дом е поставен и лифт.
-Инвестицијата е од сопствени средства и чини 7 милиони денари. Упатувам благодарност до Ротари клубот Велес кои на Здравствениот дом му го донираше медицинскиот мебел, на Јапонската Амбасада и Центарот на Вардарски плански регион со чија помош успеавме да ја добиеме донацијата во висина од 37 илјади евра со кои ќе се подобрат условите за лекување на граѓаните во Велес, рече Никола Димовски директор на Здравствен дом во Велес.
Тој додаде дека во изминатите месеци оваа јавна здравствена установа примила на работа и пет нови лекари со што се доекипирала. Сега на велешани како и на жителите на околните места во кои спаѓаат и руралните општини Чашка, Градско и Лозово на располагање им стојат 13 екипи за Итна медицинска помош.
Министерот Филипче оствари работна средба на која освен директорот на Здравствениот дом присуствуваа и директорите на Општа болница во Велес, на Центарот за јавно здравје и Болница Јасеново со цел да се планираат потребните инвестиции и она што е вишок во некоја од овие институции да може да отстапи на останатите во кои е можеби понеопходно потребна.
-Тоа што велешка болница, до крајот на годината, ќе добие уште едно медицинско возило а Здравствениот дом од Јапонска амбасада уште две, го прави овој регион целосно обезбеден за потребите од транспорт и за мобилните сервиси. Во Болница Јасеново најсериозен проблем е кадарот и за тоа ќе испратат барање кое по завршување на претседателските избори ќе биде земено во предвид, додаде Филипче.
Мобилните сервиси ќе овозможат преку ротирање на обучени тимови од лекари и сестри на Итната медицинска помош да даваат услуги на пациентите од руралните средини во кои постојат здравствени амбуланти а нема интерес од приватните лекари за отворање на ординации. /У.Ј