(ФОТО) Велешката болница повторно доби Акредитација, првата честитка стигна од министерот Филипче за извршена операција на колк
По првичната, добиена во месец јули 2017 година, велешката Општа болница од 25 март, годинава е јавна здравствена установа со втора Акредитација. Овој пат таа е за три години. Медицинската установа во шест месечниот меѓупериод повторно беше рангирана високо на приоритетната листа на Агенцијата за акредитација особено поради позицијата на регионален центар и местоположбата според која покрива поширок комплексен регион со голем транзитен сообраќај. Освен овие карактеристики, за новата, втора Акредитација, пресудни биле оценките на Болничкиот комитет на Агенцијата кој мониторирал и констатирал дека се исполнети сите потребни услови.
-Направена е реконструкција на главната зграда на болницата и поставена е термоизолациска фасада. Обновени се прозорци и врати и поставени се два нови лифта со што значајно е подобрена функционалноста на болницата и е една позначајна завршена работа. Набавена е нова медицинска опрема и подобрени се здравствените услуги со воведување на нови методи. Овозможено е упатување на лекари и друг медицински персонал на обуки во странство како и на специјализација но и во терцијарни установи дома согласно програмата на министерството за здравство. Решен е статусот на лицата вработени под договор. Во 2018 година склучени се договори за вработување на осум лекари и испратени се на специјализација за Клиничка педијатрија, Радиологија, Општа хирургија, Гинекологија и Неврологија, рече директорот на Агенцијата за акредитација Анте Поповски.
Тој констатираше дека за краток период се направени промени од круцијално значење со кои во целост е подобрено функционирањето и работата на велешката болница. Тоа и овозможи статус на Акредитирана болница во времетраење од три наредни години.
На чинот на примањето на Акредитацијата, директорот на ЈЗУ „Општа болница“ Велес д-р Божидар Бојаџиев се заблагодари велејќи:
-Можеби јас ја имав среќата да ја примам Акредитацијата но вложивме многу големи напори како тим на болницата, сите останати тимови и знаеме колку време, енергија и напор вложивме. Некои од нив работеа и надвор од работното време за да ги постигнеме сите резултати. Не дека и претходно не располагавме со стандарди но тие сега се подигнати на повисоко ниво. Се ова што постигнавме е многу значајно за олеснување на сите процеси што ќе следат со влегувањето на нашата држава во Европската Унија. Ќе испорачуваме квалитетна европска здравствена услуга за пациентите. Се надевам дека заедно со сите вработени ќе го продолжиме процесот, додаде д-р Бојаџиев.
Тој меѓу позначајните работи што ги издвои беа околу 20 донации од фондација, фирми и граѓани во медицински апарати и други материјални добра за болницата.
Министерот за здравство Доц. д-р Венко Филипче им го честиташе меѓународниот ден на здравството на вработените во велешката болница .
-Одличен пример и за останатите болници како може и треба да се работи. Честитки за Акредитацијата. Ова е прва Општа болница која е акредитирана за период од три години. Тоа значи дека е повисок квалитетот на здравствената услуга што се добива во оваа болница а тоа значи и подобар пристап кон здравствената услуга а секако дека значи и позадоволни здравствени работници. Веднаш по изборите ќе го започнеме реновирањето на одделението за Инфективни болести . Со директорот денеска зборувавме за потребната медицинска опрема за Ургентниот центар . Во наредните две недели ќе дојде комисија од Клиниките за хирургија за да ја изработи листата со услуги што ќе се даваат во велешка болница со цел да се олесни спроведувањето и препраќањето на пациентите за да не се чека многу и создава хаос како и да не се заглавува многу итната медицинска помош. Сакам да им честитам на колегите Ортопеди што вчера ја направиле првата операција на колк и стоиме на располагање од Клиниката за Ортопедски болести затоа што тука има услови, капацитети и желба за знаење кај сите вработени, рече министерот Филипче.
По повод 7 Април, Меѓународниот ден на здравјето, пензионираните здравствени работници добија подароци од синдикатот на здравствената институција додека благодарници и значки за хуманост им беа поделени на неколкумина вработени кои се редовни крводарители ./У.Ј
Фотографии од врачувањето на наградите на пензионерите и крводарителите: