Во Велес нема алтернативна културна сцена на која младите би можеле да ги постават своите уметнички изрази и дела
Велес има млади уметници кои творат во разни сфери на уметноста, но нема соодветен простор на кој можат да се изразат. Единствена сцена на располагање им е салата „Бели Мугри“. Петар Андреев е ученик од четврта година во Гимназијата, режисер на претставата „Ревизор“ што ја подготвија учениците за последниот патронен празник на Гимназијата „Кочо Рацин“. Вели дека им требало два месеци за да ја подготват претставата. Работеле во просторот на училишната библиотека.
-Условите се такви какви што се. Играме во салата „Бели Мугри“. За условите таму не можам да кажам дека се во најдобар ред. На пример, рефлекторите не функционираат најдобро, на сцената има реквизити кои го попречуваат играњето на претставата а не може да се отстранат, рече Андреев.
Кире Ацевски е ученик во четврта година во Гимназијата, а по завршување на гимназиското образование сака да го продолжи школувањето на Фаултетот за драмски уметности. Тој е шест и пол години на сцена, како актер аматер. Вели дека условите за играње на претстава во салата „Бели Мугри“ не се како тие во театарот.
-Голем проблем е што во салата „Бели Мугри“ има само еден излез за на сцена. Доколку се направат промени, тоа ќе биде поттик за многу млади луѓе да се приклучат кон аматерските групи, рече Ацевски.
Директорот на Театар „ЈХК Џинот“ дава изјава на тимот на „Читај и меѓу редови“
Директорот на велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ Александар Ивановски некогаш бил дел од младинската алтернативна сцена во градот. Според него условите не требало да ги поколебаат младите да го покажат својот уметнички потенцијал.
– И ние кога работевме исто така беше гужва за простор. Во тогашниот Пионерски дом немаше греење, неонките се истите до ден денеска, седиштата беа ужас, сега се направени подобро и од нашите, подот беше крцкав со дупки, објаснува режисерот Ивановски.
Директорот на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во чиј објект се наоѓа салата „Бели Мугри“, Игор Крајчев пак вели дека условите не се соодветни а младите од година во година прават технички покомплицирани претстави.
Директорот на ЛБ „Гоце Делчев“, Игор Крајчев
-Учениците имаат се поголеми барања , прават покомплицирани сцени. Треба што побрзо да се активира таа сала и тој младински аматерски театар ќе биде една многу голема и значајна инјекција на културниот живот во Велес, додаде Крајчев.
Актерката и режисерка Слободанка Чичевска долги години работи со младите талентирани деца. И таа смета дека нема соодветен простор.
Актерката и режисерка Чичевска и дава изјава на ученичката Матеја Несторова
-Мислам дека младите во последните години нема простор во градот каде можат да го изразат својот креативен потенцијал. Затоа што колку и да сакаат треба да имаат и простор каде би го правеле сето тоа, рече Чичевска.
Со преуредување на објектот во кој е сместена Градската библиотека ќе се создаде простор за уметничко изразување на младите вели градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
Тимот на „Читај и меѓу редови“ зема изјави од Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски
-Сакаме да создадеме Младински креативен центар и тој простор да го дадеме на располагање на сите млади креативци да можат своите идеи да ги реализираат. Планираме да направиме одредени зафати , партерно да го уредиме просторот од левата страна на објектот за да може некои настани да се прават и надвор од него. Внатре во салата да интервенираме со спуштање на сцената бидејќи сега е малку дигната повеќе од колку што треба и да направиме одредени зафати на самата сцена за да може несметано претставите да се одигруваат. Просториите во приземниот дел на библиотеката ќе бидат ослободени за да служат како гримиорни и како простории каде ќе можат да вежбаат младите уметници, додаде Коцевски.
Младите уметници од Велес не се откажуваат, бараат соодветна алтернативна сцена. Додека не ја добијат ќе играат ако треба и на отворено.
Автор: Матеа Несторова, ученичка во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“
Во подготовката на текстот помагаа: Марија Давчева, Јана Гулева, Вероника Кузманова и Ребека Николова ученички во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“.