Велешанката Дара Арсова, првата и последна фурнаџика во стар Велес
Фурнаџиката Дара Арсова е првата и единствена жена фурнаџика во стар Велес. По смртта на мажот Бошко, таа своите пет деца ги хранела токму од фурнаџискиот занает во кој влегла храбро и се носела со него, рамноправно со останатите мажи од еснафот.
Постарите Велешани сеуште се сеќаваат на прекрасниот мирис на штотуку печените леб, гевреци и симиди од фурната на баба Дара што се наоѓала во долниот дел на куќата, кај Црна Џамија. Таа била почитувана сограѓанка и од македонците и од турците и од ромите во градот. Сите се насладувале на вкусниот леб на баба Дара.
Синот на баба Дара, Љубе – познат мајстор бербер
„Мајка ми беше многу намачена жена. Таа ни беше и мајка и татко. Пет усти чекаа храна од нејзините две раце. По смртта на татко ми Бошко, мајка стана прва фурнаџика. Во полноќните и часовите од рано наутро го месеше и размесуваше тестото, го подготвуваше лебот, ја палеше фурната и почнуваше со печење. На Велешани топол и вкусен леб им продаваше. И денес се чудам колку силна беше мојата мајка. Пред нас, ниту еднаш , не се пожали дека и е тешко. Само во една пригода, кога се враќав од училиште, влегов во фурната и видов како плаче. Штом ме забележа ги избриша солзите и се обиде да се оправда со зборовите „ Ништо синко, момент на жал за мајка ми и татко ми, па ете малку си поплакав“. А јас знаев дека солзите кои течеа од нејзините очи всушност беа поради тежината што ја носеше на своите плеќи“ – се присети деновиве синот на Дара, Љубе Арсов. Тој е познатиот велешки мајстор на берберскиот занает.
Првата велешка фурнаџика Дара Арсова, родена 1913 година, е ќерка на Јован – падарот и на Кадивка, кои ја омажиле ќерката за Димко од Витанци. Младата невеста, по една година од бракот, ја родила ќерката Марија. Но нејзината радост траела кратко затоа што сопругот Димко, набрзо потоа, се разболел и починал. Младата вдовица и нејзиното првородено дете по неколку години била приморана да се премажи за Бошко Арсов, од Војница, на кого исто така му починала жената и го оставила со двете ќерки Бојка и Милка.
Дара и Бошко имале тежок живот во селото па затоа во 1914 година се доселиле во Велес. Бошко, за парче леб, работел како столар кај Алдупа. Од заработените пари си купил куќа на Долни Пат. Штом го усовршил занаетот и почнал да печали пари, во 1933 година, ја купил куќата од таткото на Цвајот, веднаш од другата страна на Црна Џамија. Тоа била куќа во која на долниот кат била изградена фурна па Бошко веднаш столарскиот го заменил со фурнаџискиот занает.
Куќата на баба Дара со фурната во која работела
Приготвувал и продавал леб се до 1948 година кога се разболел и по две години починал. Тоа стравично ја погодило неговата сопруга Дара која морала да најде излез за сопствената ќерка, Марија, за паштерките Бојка и Маца, како и за двата природени сина со Бошко, Љубе и Диме.
Велејќи дека човек жив не може да влезе во гроб, Дара машки ги стегнала тупаниците и ги втурнала рацете во фурнаџискиот занает постојано храбрејќи се со зборовите: „Кога можат педесетина мажи да бидат фурнаџии, можам и јас. Имам фурна. Знам да правам леб. Ќе го продавам и ќе обезбедам живот за децата“.
Помошта од велешанецот Перо Галата, кој заедно работел со нејзиниот сопруг Бошко, била драгоцена. Тоа набрзо ги дало првите резултати затоа што Велешани веќе искусиле дека лебот на фурнаџиката Дара е повкусен од тој што го произведувале браќата Киро и Перо Бабунци, во блиската фурна, како и од лебот на Пано Арсов и Петре Саздов, кој имале фурни веднаш до Читкушева чешма.
Баба Дара со внуците
Фурнаџиката Дара подготвувала и печела највкусен леб се додека не ја надвјасале маката и не натежнале годините а рацете не можеле секогаш да ги совладаат сите потребни измесувања на тестото, обликувањето на векните и печењето на лебот.
Кога во градот се отвориле и државни продавници, во 1961 година, фурнаџиката ја затворила фурната и престанала за секогаш да прави, пече и продава вкусен леб чија миризба се ширела низ маалата околу Црна Џамија.
„ Мајка ми Дара беше храбра жена. Достоинствено го живееше животот. И кога и беше тешко, кога немаше на сите да ни угоди, никогаш не се жалеше и никому не му кажуваше. Сета тежина си ја чуваше во душата. Беше многу измачена. Не се предаде кога и беше најтешко. Со голема радост ни направи свадби на сите деца. Сите не одоми. Најнапред свадба и направи на сестра ми Бојка, па на Милка, па на Маца, мене и на крајот на брат ми Диме. На сите свадби беше и свекор и свекрва. Беше и татко и мајка “, додаде синот Љубе.
Сокак од месноста Црна Џамија во Велес
Тој неколку години по женидбата живеел во заедница со мајка си а потоа кога си купил стан, неговата мајка останала да живее со најмалиот син Диме, во старата куќа со фурната кај Црна џамија. Баба Дара, како што најчесто ја викаа Велешани, доживеа длабока старост. Почина на 88 години во 2001 година како прва и последна фурнаџика во Велес.
Стоилко Андреевски