Откриена биста на македонската хероина Мирка Гинова во Велес
Бистата на Мирка Гинова во Велес е поставена над спомен плочата со имињата на македонските загинати борци во Граѓанската војна во Грција. Таа се наоѓа на главната градска улица „Благој Ѓорев“, спроти велешката Гимназија. Уметничкото дело што го содржи ликот на народната хероина е авторски труд на скулпторот Петре Нановски од Скопје. Тој и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски , денеска, на 73 годишнината на стрелањето на Гинова во Ениџе – Вардар, во Грција,ја открија бистата.
– Денеска сме сведоци на овој значаен чин од одбележувањето на стрелањето на Мирка Гинова, на откривањето на нејзината спомен биста во Велес. Додека светот светува и додека векот векува, ова биста тука да стои и да ги потсетува сите оние кои барем малку имаат свои сознанија за да и оддадат почит при поминувањето. Дури и бившиот грчки премиер Алексис Ципрас, обраќајќи и се на Комунистичката партија на Грција а по повод Преспанскиот договор, за кој тие гласале против, јасно и гласно ја спомнува со македонското и грчкото име и презиме Мирка Гинова. Иако се разбира дека Преспанскиот договор ништо добро не и носи на Македонија и ќе има долгорочно катастрофални последици по македонскиот јазик, култура и држава. Но, духот на Мирка Гинова уште еднаш ја разбранува јавноста и ги отвори нерешените прашања на Македонците во Егејска Македонија. На тој начн името на Мирка Гинова ги надмина и ги помина портите на македонската историја замина во вечноста за да ја памтиме како лик достоен за почит ,рече проф д-р Ѓорги Малковски на свеченоста по повод откривањето на бистата на Мирка Гинова во Велес.
Повеќе делегации на институции, општината, Здруженијата на Борци од НОВ, на пензионерите, на македонски здруженија од егејскиот дел,на роднини на загинати борци во Втората светска војна и во Граѓанската војна во Грција како и на ОК ВМРО ДПМНЕ положија свежо цвеќе пред спомен бистата.
Марија Динкова изведе една од повеќето народни песни посветени на Мирка Гинова.
Иницијаторот за поставување на бистата е Здружението „Звезда“ од Велес потпомогнато од општината, од повеќе фирми и граѓани во градот почитувачи на ликот и делото на Мирка Гинова, борец од времето на Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција која заедно со илјадници македонски и грчки патриоти, се борела против фашистичките окупатори на Грција, а подоцна и против силите на реакцијата и монархофашизмот. Мирка Гинова е првата жена стрелана во Грција од политички причини./У.Ј