Ученикот Гелев од ООУ “Блаже Конески“ од Велес дел од македонскиот тим во Катар кој освои сребра и бронзи на олимпијада
Матеј Гелев, ученик во 8 одделение во ООУ „Блаже Конески“ во Велес е еден од вкупно шестчлениот македонски ученички тим кој на 16. Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки (16. IJSO) во Доха, Катар освои две сребра и три бронзи.
Гелев заедно со уште двајца ученици од вардарски регион, Мајкл Георгиевски деветоодделенец во ООУ „Гоце Делчев“ во Кавадарци и Теона Кировска ученичка во 9. одделение од ООУ „Гоце Делчев“ во Свети Николе, заедно со врсниците Емилија Николовска осмооделенка во ООУ „Григор Прличев“ во Охрид, Никола Спировски ученик во 8. одделение и Стефан Дрмач деветоодделенец во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ од Скопје ги измерија знаењата со повеќе од 300 напредни ученици до 15 години, од околу 50 земји од светот. Натпреварите се одвиваа преку индивидуални теоретски тестирања и практични тестови.
Тимот го предводеа менторите проф. д-р Боце Митревски од Институтот за физика, проф. д-р Марина Стојановска од Институтот за хемија и м-р Лозенка Иванова од Институтот за биологија. Тие повеќе од три месеци работеа и ги подготвуваа учениците за меѓународниот натпревар.
Шесте ученици што ја претставуваа Република Северна Македонија беа избрани преку строга селекција низ натпреварите по биологија, хемија и физика кои се одржаа на општинско, регионално ниво како и на државен натпревар. Потоа следеа два селекциони натпревара. Остварувањето на овој голем успех произлегува од работата и интензивните подготовки на учениците.
Целокупната подготовка на македонскиот тим беше реализирана од страна на наставници од Природно-математичкиот факултет, користејќи ги капацитетите и ресурсите со кои располага факултетот, секако, во соработка со трите здруженија Друштвото на физичари на Република Македонија, Сојузот на хемичари и технолози на Македонија и Македонското биолошко друштво./У.Ј