Велешанецот Максим Ацевски избран за Главен државен ревизор
Пратениците во Собранието на Република Северна Македонија едногласно со 81 глас „за“ го избраа Максим Ацевски за главен државен ревизор откако беше предложен од собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. Ацевски даде свечена заклетва според која професионално, одговорно и транспарентно ќе го раководи Државниот завод за ревизија.
Максим Ацевски е дипломиран економист од Велес со осумнаесет годишно работно искуство во ДЗР. Претходно тој тринаесет години беше раководител на одделението за финансии и буџет на Општина Велес и на Подрачната единица на Министерството за финансии во Велес.
Како експерт за отчетно, транспарентно и одговорно работење Ацевски во последната деценија ги јакнеше капацитетите на граѓанските организации и особено на државната администрација во делот на јавните набавки.
Ова е втора значајна функција на државно ниво на која во моментов се наоѓа велешанец откако за заменик претседател за економски прашања, во актуелната Влада, беше именуван стопанственикот Кочо Анѓушев./У.Ј