Празни слободни паркинг места има кај Железен Мост но, граѓаните повторно паркираат непрописно кај Народна кујна во Велес
Половина од неодамна изградените паркинг места крај пругата Велес – Штип, од десната страна на Железен мост, утрово беа празни но повторно просторот пред објектот Народна кујна беше полн со автомобили. Дел од нив паркирани и во два реда, пред влезовите на куќите, со што се затворени приодите на граѓаните кои живеат во нив. Три возила го попречуваа и влезот во делот кон малата галарија, единствен пат за минување на граѓаните кои живеат во близина на општинското основно музичко училиште „Стеван Гајдов“.
На прашањето има ли слободни места за паркирање на новоизградените паркинг места, граѓани кои уредно ги паркираа своите возила, одговараа:
-Ги мрзи да одат три минути пеш затоа паркираат вака, непрописно. Ова треба да го санкционира полицијата.
Велешани кои живеат во околните куќи реагираа и бараа воведување на ред во нивното маало.
-Сега има места за паркирање и секој од возачите треба да паркира таму. Вие сте тука рано утринава ама треба да дојдете после 10 часот за да видите како овде не е отстранет метежот во кој заглавуваме како ние со приватните возила така и возачите на такси возилата. А празни места за паркирање има. Ако ние, поради неможноста да ги отвориме влезните порти или вратите на гаражите за да ги внесеме возилата внатре, ги паркираме на најоддалечените паркинг места, непосредно до Железен Мост, тогаш не смее да се толерира мрзата и несовесноста на овие возачи кои го злоупотребуваат просторот на плоштадката пред Народна кујна, рекоа граѓаните кои живеат во околните куќи.
Утрово го немаше полициското возило кое вообичаено е паркирано до железничката пруга Скопје – Гевгелија. Моментот го искористиле мрзеливите возачи на кои им претставува проблем да испешачат три минути и прописно да се паркираат. А новоизградените 70-тина паркинг места се наменети токму за растеретување на метежот во централното градско подрачје./У.Ј