Со пари од Европската инвестициона банка изградба на водоводи во Бузалково и Раштани
Водоводот за населените места Раштани и Бузалково го финансира Европската инвестициона банка од Луксембург. Проектот за изградба на водоснабдителен систем треба да овозможи изградба на водоводни мрежи во двете населени места и нивно поврзување на градскиот велешки водовод чини 43 милиони 695 илјади и 280 денари или 710 илјади 492,40 евра.
-Јавната набавка, наредната недела, очекуваме да ја распише министерството за транспорт и врски која трае 24 дена и со неа се избира најповолниот изведувач. Потоа треба да следи и јавната набавка, во траење од 12 дена, за избор на надзор при изведување на работите. Следно е воведување на најповолниот изведувач во работа, рече градоначалникот Коцевски.
На почетокот на пролетта се очекува да започне реализацијата на овој проект. Тој е многу значаен за граѓаните во двете населени места, 1273 во Бузалково и 396 во Раштани, бидејќи тие користат вода за пиење од домашни бунари./У.Ј