Здравковски: Пет нови инфраструктурни проекти на Обновата за кои ОК на ВМРО ДПМНЕ во име на велешани ќе се залага за експедитивна имплементација и реализација
Нов автопат од Велес преку Прилеп до Битола, набавка на 5 нови возови за Велес, реконструкција на стариот пат Велес – Градско – Прилеп, нови водоводни и канализациони мрежи и нова спортска инфраструктура, затоа што Велес и граѓаните на Велес ги залужуваат, најави претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ Игор Здравковски во име на Обновата што партијата ќе ги реализира додека Општински комитет во името на Велешани ќе се залага за експедитивна имплементација и реализација.
-Нашиот град е град на најреволуционерни идеи, на напредната авангардна мисла, град на преродбата. Така било во минатото и ние мора да го продолжиме тој континуитет за да го оправдаме своето потекло како горди Велешани и Македонци. Затоа мора да се залагаме градот да ни живее, да расте и да се развива. Во таа насока, потребно е вложување во инфраструктурата и нови инфраструктурни проекти. Мои Велешани, инфраструктурата е од суштинско значење за развојот на економијата, земјоделството, образованието, трговијата, културата, за квалитетот на живот на граѓаните. Велес е срцето на Македонија, вековна балканска крстосница, со стратешка географска положба, во која се вкрстуваат патиштата кои водат кон сите страни на светот, рече Здравковски.
Тој додаде дека додека ВМРО-ДПМНЕ бил на власт реализирани биле бројни инвестиции од сите области како изградбата на експресниот пат за Штип, реконструкции на локалните патишта, улици во градското подрачје, изградбите на училиштата во село Горно Оризари и во село Иванковци, новиот театар во Велес, се инвестирало во индустриските зони и биле донесени најголемите инвестици, отворањето на фабриките во кои и денеска работеле велешани како и осветлените клучките на влезовите на Велес, набавките на нови возови во кои најчести патници се граѓаните на Велес и уште многу други.
-Е токму во тоа се разликува владеењето на ВМРО и владеењето на СДСМ. ВМРО гради и покажува со дела, а СДСМ дава празни ветувања кои речиси никогаш не се исполнети. Затоа и од нивната програма останаа нереализирани сите ветени проекти, а за нашиот град не направија апсолутно ништо! Немаат никаква инфраструктурна инвестиција. Ветуваа, ветуваа… и уште ветуваат. Но на мегдан се само ветувањата. Затоа што нивниот стил на владеење покрај се што уништија е препознатлив по „ЌЕ“ реториката. Почитувани сограѓани, нашите цели се јасни, и ова е доволно да се направи компарација на работењето наспроти неработењето, подобрување на условите за живот во Велес наспроти празнењето на градот поради стагнација на секоја сфера. Тие ќе пробаат да Ве убедат дека сите се исти, дека ниту овие ниту оние не заслужуваат доверба, ќе пробаат да предизвикаат апатија и недоверба само да ја намалат излезноста за претстојните избори на кои им се знае судбината, додаде Здравковски.
Претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ констатираше дека граѓаните на Велес се мудри и знаат да донесат правилни одлуки, а така ќе било и на 12ти април, кога на „оваа хунта“ ќе и дошол крајот и ќе била испратена во политичка историја но ќе служела за пример како не требало да се работи за интересите на граѓаните на сопствениот град и сопствената држава „Република Македонија“./У.Ј