Повеќенаменските хуманитарни заштитни маски предадени на ЈЗУ Здравствен дом Велес
01.04.2020
Сите вработени во Јавната здравствена институција „Здравствен дом“ Велес од денеска ќе можат да се заштитат со по две повеќе наменски заштитни маски. Жените шивачки заедно со волонтерките во акцијата „Велешанки за јавното здравје“ ги изработија и ги предадоа здравствените маски за потребите на медицинскиот персонал во Итна медицинска помош, лабораторија, ренген, техничката служба и администрацијата во ЈЗУ „Здравствен дом“ Велес.
Првата хуманитарна маска ја доби директорот Никола Димовски.
-Им благодарам на жените од Велес и на Фондација за локален развој и демократија „Фокус“. Ја поздравувам иницијативата преку волонтерска работа да се помогне јавното здравство. Тоа на здравствените работници многу им значи. Некој се сетил своето слободно време да ни го подари токму нам а ние знаеме да го цениме гестот затоа што се случи во исклучително значаен момент кога се бориме против инфективно заболување кое го зафати цел Свет. Дозволете ми да констатирам дека маските се многу квалитетно сработени и на вработените во Здравствен дом ќе им послужат долготрајно, рече директорот Димовски.
Повеќе наменските заштитни маски ќе можат да се перат и стерилизираат со што вработените и во оваа велешка јавна здравствена институција ќе ги користат долготрајно.
Ова е втора јавна здравствена институција во Велес која добива заштитни маски. Велешките шивачки и волонтерки во моментов ги подготвуваат количините што им се потребни на вработените во ЈЗУ Центар за јавно здравје во Велес и Болница „Јасеново“ во Чашка./У.Ј