„Хуманоста на дело“, креативен проект во услови на коронавирус на ССОУ „Димитрија Чуповски“
29.12.2020
Велешанки не подготвувајте новогодишни и божиќни колачи. Наместо вас тоа веќе го сторија учениците од прехрамбената струка, на ова средно стручно училиште во Велес. Тие веќе ја спакуваа првата количина и од денеска ја ставија на продажба. Пробајте ги и уверете се дека учениците подготвиле колачи за сечиј вкус. Порачајте ги на интернет и така ќе ја покажете вашата хуманост затоа што со секоја порачка и вие се вклучувате во проект или ученичката акција за помош на социјално ранливте граѓани и семејства во градот.
– Оваа активност ќе тече континуирано за новогодишните и божиќни празници. Учениците ќе подготвуваат колачи и ќе ги продаваат на заинтересирани граѓани. Исто така рачно ќе дизајнираат шолчиња што ќе се продаваат за Свети Валентајн и со помош на дизајнери рачно да декорираат блузи. Приходот што од продажбата ќе го оствариме ќе овозможи да им помогнеме со заштитни маски и дезинфекциони средства на ранливите семејства во Велес. Исто така ќе можеме да купиме и неколку таблети што ќе ги намениме за ученици кои имаат потешкотии да се вклучат во онлајн наставата, картички со интернет и слично, професор Јовева која се појавува во улога на ментор во самиот проект.
Тимот што го осмисли и веднаш штом донаторот на натпреварот на „Ачиф“ програмата го избра е составен од учениците Стефан Богдановски, Сара Адамчевска, Ања Јовановска, Ивона Богдановска и Викторија Јовева. Тие учествуваа на обуки на кои стекнаа дополнителни вештини и се запознаа со добри практики за што поуспешна реализација на проектните активности.
За нив исто така се значајни и активностите кои нудат социјализација преку отворените страници на Инстеграм и Фејсбук на кои ќе креираат настани како што се онлајн гледање на филмови, слушање музика, караоке забави и слично.
-Нашите соученици од училиштето ќе се вклучуваат со линкови преку платформата Zoom, за да гледаат филмови што сами ќе ги изберат од филмскиот канал „Netflix“. Претходно ќе издвоиме понуда од која со гласање ќе се изберат филмовите што ќе се гледаат, рече Богдановски.
– Сметаме дека ова е добра можност да останеме дома, со што ќе придонесеме да не бидеме преносители на вирусот и нема да им биде досадно затоа што ќе имаме и други активности да се дружиме и да се социјализираме, рече Адамчевска.
-Заедно ќе ја избираме и музиката што ќе ја слушаме. Караоке натпреварите исто така можат да бидат интересни ако внесеме наши, иновативни моменти со што ќе си направиме онлајн забава од дома со заедничко дружење, рече Јовановска.
Проектот има за цел да ги развива хуманоста и свеста за помагање преку дружење, додаде директорката Маја Хеско.
-Морам да ги пофалам како учениците така и нивната професорка поради некои предрасуди дека во услови на пандемија не може да се работи. Ова е показател дека креативниот ученик и професор и во вонредни услови создаваат без разлика што наставата се изведува онлајн, поточно професорите се на работните места а учениците наставата ја следат од дома. Во конкретниов случај овие ученици и нивниот ментор вложиле дополнителен труд да искреираат проект што ќе ги опфати сите ученици и мислам дека ќе ги мотивира останатите да ја покажат сопствената креативност, рече Хеско.
Таа, нејзината колешка Јовева и овие ученици сега ја очекуваат поддршката на останатите ученици и професори со што би се реализирале сите активности затоа што преку проектот нивното училиште е избрано во силна конкуренција на државно ниво.
Убавка Јаневска