Вардар ја поплави првата платформа од кејот во центар на Велес
12.01.2021
Под вода денеска беа клупите поставени на првата платформа на кејот кај Мало Мовче. Официјално за едно деноноќие за 80 сантиметри е зголемен водостојот на Вардар во речното корито во Велес.
Ако вчера водостојот изнесуваше 160 см денеска во речното корито водостојот изнесува 240 см.
Но нема излевања на водата на територијата на општината.
Зголемениот водостој единствено го поплави понискиот дел од кејот кај Мало Мовче, во центарот на Велес и сериозно се доближи до патеката за трчање во централниот градски парк.
Зголемен е и водостојот на двете реки во општината Тополка и Бабуна. Сепак сериозни излевања од речните корита засега нема. Во некои делови, по теченијата на двете реки, водата сериозно му се закани на брегот или се прелеа без да создаде проблеми.
Доколку врнежи нема во текот на ноќта и во утрешниот ден тогаш не се очекува повисок водостој од максимално измерениот денеска, соопштија од велешкиот Центар за кризи. Инаку зголемениот водостој на Вардар сеуште носи количини на смет но во неспоредливи количини со вчерашниот ден кога површината на водата беше преплавена со пластични шишиња, гранки од дрвја и смет.
Убавка Јаневска