Фирмите од прехрамбената индустрија добија можност за бесплатни анализи на производите во лабораторијата на ТТФ во Велес
24.02.2021
Дваесет компании од вардарски плански регион и пошироко денеска на работилница се запознаа со услугите што ги нуди Прехрамбено – технолошки центар за развој на иновативни продукти на Технолошко-техничкиот факултет во Велес.
Деканката Проф.д-р Татјана Калевска и нејзини колеги ги запознаа претставниците на бизнис секторот од прехрамбената индустрија со лабораториската опрема со која ќе се вршат анализите во процесот на иновативни производи.
-Работевме според здравствен протокол во услови на пандемија на ковид-19 и затоа во две групи прифативме претставници од по 10 компании. Ова се двете први работилници, ден по свеченото отворање на центарот, што значи дека според потребите на бизнис заедницата ќе организираме и наредни. Факултетот во Велес располага со две лаборатории од кои една е студентска, за потребите на образовниот процес додека втората е за услуги што ќе ги издаваме на компаниите. Таа е опремена со повеќе апарати како што е спектрометарот, инструменти за определување на сува материја, да определуваме влага во одредени производ. И не застануваме тука. Во план сме да ја докомплетираме со нови инструменти според потребите на индустријата, додаде Калевска
Факултетот, како дел од Универзитетот „Свети Климент Охридски“ денеска им даде можност на фирмите да испратат предлози за потребите од анализи што потоа ќе му послужи на мултидисциплинарниот професорски тим на ТТФ да донабави лабораториски апарати.
Значајно е тоа што на почетокот лабораториските анализи ќе бидат бесплатни. Потоа ќе се формира ценовник.
Прехрамбено – технолошки центар за развој на иновативни продукти првенствено е наменет за фирмите од прехрамбената индустрија во Вардарски плански регион што не значи дека нема да ги прифати и од целата држава.
-Идеата е да ги прифати во иновирање и во развој на нови производи преку лабораторијата што ја опремивме преку Центарот за развој на вардарски плански регион во партнерство со швајцарската Агенција за развој и Министерство за локална самоуправа. При тоа основната задача е да ги прифати компаниите во пост ковид состојбата да почнат да разговараат за реален раст можен само преку подобрување на постоечките производи или развој и иновација на нови производи со кои ќе ја зајакнат конкурентската позиција на домашниот, пазарите во регионот, во Европска Унија па и пошироко, рече в.д директорот Игор Андреев.
Центарот треба да се развива и да прерасне во самоодржлив преку понуда на услуги по пазарни цени.
Убавка Јаневска