Ќе се формира граѓанско здружение на спортски ветерани во Велес
Како град што во минатото имаше бројни спортски клубови и спортисти, голем дел од нив врвни ракометари и ракометарки, одбојкари и одбојкарки, фудбалери, гимнастичари и гимнастичарки, атлетичари, каратисти, кајакари, велосипедисти или младински и државни репрезентативци, Велес заслужува да има свое здружение на спортски ветерани, беа првите зборови на поранешниот државен репрезентативец на Југославија во гимнастика и кандидат за Олимписките игри во Мексико, Насе Кондовски. Неговото пријателство со велешкиот поранешен гимнастичар Пенчо Јаневски, со директорот на ЈСП „Парк“ Златко Гуцев и со уште неколкумина стари и добро познати спортски имиња денеска се реализираше со иницијатива за формирање на граѓанско здружение на спортски ветерани. На иницијативниот состанок дојдоа многумина стари добри спортски пријатели рече Кондовски.
– Оваа наша иницијатива покажа дека Велес е првиот град, после Скопје каде веќе имаме формирано граѓанско здружение на спортски ветерани, и затоа сме тука. Сакаме со нашето искуство да дадеме помош на сегашните спортисти и спортски клубови. Во транзицискиот период за жал спортистите и спортските клубови не се снајдоа баш најдобро. Горе, долу состојбата е слична во сите општини па затоа спортските ветерани се организираме во здужение чија цел е да помогне. Ќе даваме идеи и решенија. Секаде парите се проблем. Порано финансирањето беше по поинаков модел. Сега благодарение на Агенцијата за спорт и млади која ни даде голема поддршка да го поттикнеме развојот на спортот. Како здружение ќе ги иницираме прашања и ќе бараме решенија пред граѓаните, општинските власти за отворање на спортски школи се со цел што поголем број на деца да спортуваат, да се намалат нивните деформитети, рече Кондовски.
Тој заедно со своите спортски пријатели во Велес си поставија за цел да ги анимираат сите поранешни спортисти од добро познатите велешки спортски клубови за оваа иницијатива. Еден од нив е и ветеранот во гимнастика Пенчо Јаневски поранешен државен првак и репрезентативец во гимнастика на поранешна Југославија како и олимписки кандидат.
– Задоволни сме што на иницијативниот денешен состанок присуствуваа 30 спортски ветерани. Се договоривме и ги започнавме подготовките околу формирањето на велешкото граѓанско здружение на ветерани. Сакаме да му помогнеме на спортот со нашето искуство и знаење преку сугестии за да ја вратиме светлината на Велес на спортските терени.
Јавното претпријатие „Парк спорт“ ќе биде ресурсниот центар на здружението што ќе се формира.
– Ќе го анимираме просторот во спортската гимнастичарска сала „Партизан“ како центар на сите спортски настани. Тоа е само почеток за понатаму ќе се договараме. Голема благодарност за професорот Насе Кондовски на иницијативата затоа што на државата и треба вакво здружение и Федерација. Бидејќи како град се наоѓаме во централниот дел на Македонија исто така е значајно што започнуваме да градиме нов пристап во спортот, рече директорот na ЈП „Парк спорт“ Златко Гуцев.
Тројцата спортски пријатели потенцираа дека оваа иницијатива како за спортот така е значајна за добробит на граѓаните./У.Ј