Ветеранот на ЖОК „Борец“ Душан Анѓушев : „Сега не се спортува од љубов“
Со спортските торбици на рамо и опремата која им беше неопходна за да го одиграат ревијалниот натпревар во споретската сала Блаже Конески во Велес, на светскиот ден на одбојката синоќа дојдоа ветераните на градската одбојка. Пристигнуваа еден по еден , меѓусебно се поздравуваа а потоа разговараа и се договараа која стратегија ќе биде потребна за да се одигра добар сет и да се победи. Сите тие важат за легенди на велешката одбојка ако се има во предвид дека во дресот на Железничарскиот одбојкарски клуб „Борец“ во сезоната 1979/1980 година беа прваци на втората одбојкарска лига на тогашна Југославија. А веќе наредната сезона се натпреваруваа во првата југословенска одбојкарска лига. Тогашните момчиња и нивната извонредна игра беа причина велешани, најверниот седми играч, да ја полнат салата на ОУ Благој Кирков, а потоа и на тогашната СРЕЦ „25 мај“ или сегашана спортска сала „Гемиџии“.
Ветеранот Душан Анѓушев беше првиот од нив кој што синоќа стигна на спортското одбележување на 29 февруари, светскиот ден на одбојката. По триесет и пет години откако професионално не се бави со одбојка и не игра постојано на паркетот, го прашавме кој беше мотивот вечерва да стигне прв од ветераните.
„Вечерва сме тука поради светскиот ден на одбојката иако ние ветераните секоја година во чест на нашиот покоен колега Аце Јолевски создадовме традиција во месец декември да се собереме и да се дружиме. Таа човечка особина ја имаме уште од професионалните спортски денови кога настапувавме и ги браневме боите на велешки Борец. Дојдов да дадам поддршка за омасовување на овој спорт во градот кој порано важеше за еден од најуспешните. Се чувствувам горд на тоа што порано го носев дресот на велешки Борец и сакам таа радост на натпреварување и особено на победа да ја почувствуваат што поголем број на деца, младинци, професионални играчи – спортисти на што поголем број на велешки клубови“, рече Анѓушев.
Во очекување на останатите ветерани, Анѓушев со жалење констатираше дека одбојката во градот стагнира. Тој се потсети на моментите кога како првотимец ги постигнуваше најдобрите резултати на градскиот клуб.
Влеговме во прва тогашна југословенска лига во сезоната 1979/80година. Таа 1979 година игравме во Суботица за КУП на Југославија. Бевме во четврт финале , загубивме од Партизан, ги победивме Струмица и Спартак Суботица. Ова беа нашите поголемите успеси, лични и на клубот . Првите две години останавме во првата лига но, третата година , не знам од кои причини излеговме од лигата. Во наредниот период се натпреварувавме во втора југословенска лига . Тогаш најтешкиот натпревар го одигравме со белградска Црвена Ѕвезда која беше повратник а ние го изненадивме со нашата игра. Сите, цела екипа, бевме сплотени и игравме како една душа желна за победа, за успех со кој би се гордееле сите, ние, нашата публика и градот. Бевме веќе уиграни меѓусебе а и добро се познававме. Се разбира наш голем пријател, учител и тренер тогаш беше Александар Жабев. Само тој што имал можност да доживее знае за што денеска јас ви зборувам вам и на вашите читатели,“ рече Анѓушев.
Додека со поглед следеше што се случува на теренот каде младите таленти меѓусебно се натпреваруваа Анѓушев во салата го очекуваше доаѓањето на своите соиграчи и големи пријатели.
„ Освен доктор Ѓоре Арсов, поради дежурство, сите останати ќе дојдат. Како тие што со мене ја составуваа првата шесторка на клубот, за жал без Аце Јолевски, ги очекувам секој момент Ботарев, Љупчо Гинов, Сашко Анастасов, Ристе Трајковски така и Петре Димитриев , Драган Михајлов, Зоран Гинов, Сашко Божинов, Драган Михајлов, Петре Димитриев . Ако се сеќавате значи ќе ни недостигаат само купените играчи од Полска, нашите добри пријатели Пачал Метек Жинжицки за да повторно истрча најдобрата шесторка на теренот вечерва. Со жалење ќе констатирам дека сега по триесет и пет години многу работи се изменија, не се спортува од љубов и ги нема градски спонзорства. Денеска се гледа друг интерес, профитот , не се полага многу на развојот на спортот во градот. Други некои интереси се во прашање. За жал не гледам некаква перспектива ни на одбојката ниту на другите спортови по кои Велес беше препознатлив во тогашна Југославија,“ рече Анѓушев.
Тој го заврши разговорот и поита кон соблекувалната за да се подготви за натпреварот и да ги поздрави сегашните пријатели и поранешни клубски другари со кои синоќа истрча на паркетот во салата на училиштето./У.Ј