Повеќе од половина од фирмите во Македонија се блокирани
Неликвидноста во бизнис секторот изразена во број на блокирани компании на крајот на минатата година изнесува 44.542, што значи дека 5,5% повеќе фирми имаат блокирани сметки во споредба со крајот на 2014 година, покажуваат последните податоци на Народната банка, пишува Капитал.
Во однос на 2008 година пак, пред почетокот на економската криза, сега бројот на блокирани сметки на приватните фирми е тројно зголемен. На крајот на 2008 година, само 14.213 фирми биле блокирани поради некаков долг кон нивните партнери, банките или кон државата.
Економистите коментираат дека податоците на Народната банка покажуваат дека финансиските проблеми на компаниите се продлабочуваат, а кризата е силно присутна во бизнис секторот. Ова е статистичка потврда и на сите изјави на бизнисмените, кои со месеци алармираа дека немаат пари да ги плаќаат ратите за кредити, ниту давачките кон државата, па дури ни за да поделат плати.
Неликвидноста од приватните фирми брзо се прелева и во банкарскиот сектор. Банките не можат да наплатат речиси половина милијарда евра одобрени кредити. Тоа значи дека 11,6% од сите кредити се спорни за наплата што е двојно повеќе од просекот на лоши кредити во Европа и дури четири пати повеќе од просекот во САД.
Банкарите потврдуваат дека наплатата на кредитите оди многу тешко бидејќи компаниите се финансиски исцрпени од долгата економска криза и нивната платежна способност не се подобрува.
„Генерално условите во работењето во овој сегмент не се драстично променети споредено со минатата година. Затоа и сметам дека ќе останат исти и годинава. Политичката криза имаше многу негативно влијание во 2015 година со оглед на тоа дека започна уште на почетокот на годината. Кога велам негативно влијание, не сметам дека ги турна целата економија и финансискиот систем во негатива или наназад, но значително го забави или целосно го анулираше трендот на пораст, што во услови на инертност во работењето, како што се во Македонија, сметам дека ќе изгубиме најмалку уште една година пред да започнеме да се движиме повторно напред со пораст и во услови на стабилност“, оцени претседателот на Управниот одбор на Стопанска банка Битола, Владимир Ефтимоски.
Дел од економистите, пак, покрај ефектите од кризата, велат дека лошото планирање но и недомаќинското однесување на газдите на компаниите ги доведува нивните бизниси до пропаст.
„Секоја фирма е приказна за себе но има неколку најчести причини за пропаѓањето на фирмите поради презадолженост. Едната лежи во лошото планирање. Секој проект кој се финансира со кредити треба да биде убаво анализиран, да се направат добри, конзервативни, проекции и да се предвидат стратегии за излез, односно надминување на проблемите со ликвидноста до кои може да дојде. Втора причина секако е кризата. Иако номинално БДП расте со 3%, многу од стопанствениците постојано ја споменуваат. Евидентна е неликвидноста, падот на куповната моќ, па сите оние што планирале со оптимистички проекции сега се непријатно изненадени. Не помалку важна е и третата причина: многу од приватните стопанственици располагаат со луксузни имоти во услови кога нивните компании не можат да ги отплаќаат долговите. Тоа значи дека значителни износи на средства се извлекувани од фирмите, без да се размислува (можеби и намерно) дека со тоа фирмата се остава без средства за преживување“, вели професорот од Економскиот факултет, Сашо Арсов.
Податоците на Народната банка покажуваат дека расте и бројот на блокирани граѓани. Заклучно со декември, дури 77.005 луѓе имале блокирани сметки. За споредба, на крајот на 2008 година, блокирани им биле сметките на само 1.620 граѓани.
Извор: Капитал