Рударите од „Злетово“ и „Тораница“ на средба со премиерот Димитриев
Претставници на рударите од рудниците за олово и цинк „Злетово“ и „Тораница“ денеска се на средба со претседателот на Владата за спроведување на изборите Емил Димитриев. Средбата е на барање на премиерот и се очекува вработените во рудниците кои се во стечај да слушнат што планира владата да направи со овие рудници.
Како што дознаваме, работниците ги претставуваат претставници на синдикатите на двата рудника и локалните синдикати, но не се присутни претставници на гранковиот синдикат – Синдикатот на индустријата, ридарството и енергетиката (СИЕР), кои досега беа вклучени во решавањето на проблемите на рударите.
Се очекува Димитриев денеска да ги смири рударите, но и да им соопшти дека се планира ликвидација на рудниците и покренување на нова постапка за продажба.
Двата рудника запреа со работа во септември лани по повеќемесечен штрајк на работниците. На компанијата која управуваше со рудниците „Индоминерали и метали“ и беше одземена концесијата и беше покрената стечајна постапка. Рудниците им должат 3,5 плати на над 1.000 рудари и неплатени придонеси, а дел од рударите кои се уште работат за да ги одржуваат рудниците веќе три месеци не добиле плата. Рударите по покренување на стечајната постапка добија надомест од Агенцијата за вработување во траење од 4,5 и 6 месеци и се крајно незадоволни од она што се случува со рудниците.
Досега, според информации од рудниците, е завршена само постапката за пријавување на побарувањата на доверителите кои побаруваат високи суми.
Согласно Законот за стечај, во случајот на овие два рудника можни се две решенија, реорганизација или ликвидација на деловните субјекти.
На иницијативата за можен инвеститор кој би ги реорганизирал рудниците се јави само еден странски инвестициски фонд. Тој во земјава регистрираше фирма со име „Лајфстоун капитал лимитед“. Претставници на фирмата која изрази подготвеност да ги исплати сите доверители за кои низ стечајната постапка ќе се утврди дека имаат побарувања од „Индоминерали и метали“, неодамна имаа и средба со дел од нив, но нема информации што е договорено и дали е прифатен нивниот план за реорганизација.
Владата досега не излезе со официјална програма како ќе го решава проблемот со двата рудника.
Извор: Плусинфо.мк