Бислими за Фактор:Издавањето на еврообврзницата нема никакво економско оправдување
Став на Сами Бислими, универзитетски професор, за Фактор
Издавањето на еврообврзницата нема никакво економско оправдување. Официјалните податоци укажуваат на фактот дека буџетските приходи се во рамките на проектираните вредности, и доколку е тоа така, тогаш, преку наплатата на јавните приходи се обезбедени средства за покривање на проектираната буџетска потрошувачка. Објаснувањето дека парите од новата еврообврзница ќе се користат за покривање на проектираниот буџетски дефицит не држи од причина што, со претходното задолзхување беа обезбедени средства за покривање на буџестки дефицит за првите шест месеци.
Потоа објаснувањето дека дел од средствата ќе се користат за исплата на плати, пензии, за финансирање на други инфраструктурни проекти, исто така не држи, оти нели буџетот ни е во добра кондиција, а тоа значи дека, со досегашната наплата на фискалните и други приходи се обезбедени потребните средства за покривање на плати, пензии, како и средства за финансирање јавната потрошувачка.
Инаку, јас сум поборник за користење на задолжувањето како извор на средства, но за конкретно утврдена намена, т.е. финансирање на проекти од областа на патната, железничката инфраструктура, енергетиката, во примената на нови знаења и технологии, со кои би дошло до проширување на производните можности на домашната економија, до зголемување на продуктивноста, конкурентноста, но сум пртотивник на задолжување со цел за финансирање на проекти кои имаат само еднократно, или пак никакво влијание врз стапката на економски раст и развој.
Со издавањето на новата Еврообврзница значително ќе се зголеми стапката на надворешната задолженост, а прашање е како ќе се сервисира тој дополнителен долг, кога ние и досега преку нови задолжувања враќаме стари долгови. Тоа значи дека фискалниот капацитет на домашната економија е недоволен за покривање на проектираната буџетска потрошувачка, ( примарен дефицит) и плус ануитетите од старите долгови.
Ваквото задолжување преставува товар не само за стопанството, туку и за граѓаните, од едноставна причина што тие позајмени средства треба да се враќаат и нема кој друг да ги враќа освен стопанските субјекти и граѓаните, преку плаќање на даночни и други неданочни обврски. Објаснувањето дека нашата земја е една од најниско задолжена земја во Европа не значи ништо доколку, домашната економија и граѓаните на земјата немаат доволен фискален капацитет за враќање на долгот.
Едно од излезните решенија е зголемување на фискалната пресија, но тоа неминовно ќе доведе до намалување на побарувачката, додека намалената побарувачка ќе значи намалување на стапката на економски раст, па и рецесија.
Втората опција е намалување на јавната потрошувачка, но и тоа исто така ќе доведе до намалвување на побарувачката. Стратешко решение е инвестиции во зголемување на вредноста на физичкиот и хуманиот капитал, со што би дошло до зголемување на производниот капацитет на домашната економија, зголемување на домашната понуда, тоа би довело и до зголемување фискалниот капацитет, со што би се обезбедиле доволно средства не само за раст на јавната потрошувачка, непречено сервисирање на долгот, но и до зголемување на личниот и општествениот стандард на населението.
Извор: Фактор