СДСМ: ЕЛЕМ крие ама и денеска врши итен увоз на струја!
СДСМ денеска реагираше дека и покрај информацијата дека состојбата со обезбедување на струја е стабилна од страна на ЕЛЕМ , денеска се остварило предупредувањето на партијата дека е потребен нов итен увоз на струја и ја повика власта да престане да крие информации за реалниот ризик домакинствата дека е можно да останат без струја.
Дека е тоа така, велат од СДСМ, говори и денешниот тендер за нов увоз на струја.
„Реалноста е дека Македонија се соочува со недостиг на струја и како што вчера предупредивме денеска е распишан тендер за нов интервентен увоз на струја. Во официјалниот документ што го поседуваме и даваме на јавен увид, стои дека се бара струја за 9 јануари и утре 10 јануари! Како што објавивме вчера, на Божик бил распишан првиот тендер за итен увоз на струја за 7 и 8 јануари“ наведува во предупредувањето СДСМ.
СДСМ наведува и дека за претходните два дена набавена е струја по цена за 36 проценти повисока од дозволената увозна цена од страна на Регулаторната комисија за енергетика со што граѓаните за два дена се оштетени 300.000 евра.
-Да работеа блоковите на РЕК Битола за чии поправки граѓаните платија стотици милиони евра, сега ќе имаа струја и немаше да бидат оштетени ни денар- велат од СДСМ.
СДСМ прашува колку ќе ги чини граѓаните новиот увоз на струја, за што утрото е распишан нов тендер?
-Претставниците на власта во државната компанија ЕЛЕМ не смеат да продолжат да ги лажат граѓаните.Вистината е дека да не е увозот од странство, домакинствата ќе останат без струја и без греење на овие минусни температури!- тврди СДСМ.
Од СДСМ посочуваат и на можноста земјите од регионот што сега и даваат струја на Македонија, да почнат да штедат струја поради студениот бран,а тоа значи дека граѓаните, семејства со деца, ќе останат без струја!
„Предупредуваме дека за сите штети врз граѓаните ќе има одговорност.Итно е потребна нова Влада на граѓаните на Македонија, којашто ќе се посвети исклучиво на нивните потреби“- наведуваат од СДСМ.