Поповски: Прагот за ДДВ да се врати на 2 милиони денари
Границата за станување ДДВ обврзник веднаш да се врати на два милиони денари, а потоа да се отвори широка дебата преку која ќе се одлучи колкав да биде прагот од 2019 година и кои сè категории ќе влезат во режимот на овој данок, предлага поранешниот министер за финансии, Никола Поповски во изјава за Алсат-М.
Според него, физичките лица со високи приходи треба да плаќаат ДДВ, но начинот на кој тоа сега се спроведува не е соодветен. Едно од можните решенија, кое е присутно во многу земји, е физичките лица со високи приходи да бидат обврзани да отворат фирми, вели Поповски.
„За тој дел на деловни активности кои ги извршуваат како физички лица да ги претворат во извршување на деловни активности од страна на своите правни лица и тогаш ДДВ-то ќе си циркулира нормално. Сега тоа не постои. Кај нас има традиција физичките лица да издаваат, да речеме имаат 20 дуќани и 15 станови и ги издава како физичко лице и на тоа не плаќа ништо. Кога би било правно лице, прво ќе си плати ДДВ, а после ќе си плати даноци на доходите што ги остварува“, рече Поповски.
Дел од стопанствениците очекуваат поместување на границата. Малите и средните претпријатија не треба да се оптоварат со дополнителни давачки и административни обврски кон државата туку напротив неопходно е нивно олабавување, вели Дриљон Исени од Стопанската комора на северозападна Македонија.
„Ако оваа влада претендира да го поддржува бизнисот ќе биде добар чекор границата за данокот на додадена вредност да се зголеми на два милиони денари, бидејќи малите претпријатија тогаш ќе можат да се фокусираат на нивната деловна дејност, а не да се занимаваат со административните обврски кон УЈП“, изјави Дриљон Исени, извршен директор на Стопанска комора на северозападна Македонија.
Прагот за станување ДДВ обврзник во 2000-та година при воведувањето на овој данок изнесуваше еден милиони денари. Потоа беше зголемуван во неколку наврати за од 2015 година повторно да биде воспоставена сегашната граница од еден милион денари или нешто над 16.000 евра. Во Хрватска овој праг од први јануари 2018 година изнесува 300.000 куни односно околу 40.000 евра. Границата за станување ДДВ обврзник во Србија е уште повисока и е позиционирана на осум милиони динари или речиси 70.000 евра.