Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

kumanovo fin

Во Куманово функционираат околу 60-тина мали и средни чевларски претпријатија кои вработуваат околу 2.000 работници. Кожарската индустрија во Куманово функционира со векови наназад, со подеми и падови, но секогаш опстојува и е индустрија по која градот е препознатлив на Балканот и во Европа, пишува МИА.

Ретки се оние кои не се запознаени со производите на поранешниот гигант „ЧИК“ кој вработуваше околу 3.000 работници.

Продуктите тогаш се пласираа во Русија и во земјите од поранешна Југославија. „ЧИК“ како и останатите фабрики во индустриско Куманово не успеа да ја преброди транзицијата, но работниците по неколку години поминати како стечајци се вработија во малите погони кои полека и по петнаесетина години се пробиваат на домашниот и странскиот пазар.
Квалитетни чевли, машка, женска и детска колекција нудат кумановските чевларски претпријатија. Помал дел од нив работат и нудат готов производ, а поголем процент работат полуготов производ, обично горен дел на обувки кои ги изработуваат за потребите на странскиот пазар. Странските добавувачи им нудат репроматеријали кои домашните компании ги користат за лон производство.

Од неодамна, токму во Куманово е формирано чевларското здружение во кое членуваат 47 компании. Најголем број од нив 37 се од Куманово, четири од Штип, три од Охрид, две од Крива Паланка и една од Радовиш. Според податоците на одговорните од здружението, најголем број од фирмите работат лон производство. Десетина од нивните членки работат и готов производ кој го пласираат на странскиот пазар Италија, Германија и Бугарија.

– Имаме одлични производи кои ги воодушевуваат и потрошувачите од Европа, вели претседателката на здружението Лидија Милановска.

Но, и покрај квалитетните производи оваа гранка не е најбарана на пазарот на трудот. Ниските плати по кои се карактеризира оваа индустриска гранка заедно со текстилната се најниско платените во Македонија и не ги привлекуваат младите да се определат за оваа професија. Од здружението потврдуваат дека тешко доаѓаат до обучени и квалификувани кадри.

Светската економска криза остави голем белег на нашата индустрија, имаше месеци кога вработените не земаа редовна плата, така што во моментот најголема мотивација им е ако земаат редовно плата и ако не бидат одјавени помеѓу сезоните. Секако, и ние се трудиме да инвестираме во понови технологии на машини, за да ја зголемиме продуктивноста, а со тоа да ги зголемиме и платите на работниците, вели Милановска.

Проблем за оваа гранка се одредени сезони кога нема побарувачка на пазарот на трудот. Од здружението велат дека ќе побараат од надлежните институции и министерства да им се даде поддршка за нивните вработени во период кога еден месец, обично во зимскиот период се без работа. Во одредени држави, пред се во Италија која е и земја каде што најмногу се извезуваат готовите и полуготовите производи од Куманово, државата го субвенционира месецот кога индустријата претрпува загуби. Овој позитивен пример домашните чевларски претпријатија ќе го искористат како предлог начин за решавање на еден од проблемите во инудстријата. Доколку државата ги покрие платите за работниците за само еден месец нема да има прекин на стажот кај вработените како што е досегашната практика.

Сепак, ова не е единствен проблем за чевларската индустрија. Токму ниската плата која најчесто е минимална 12.000 денари или незначително повисока е причина поради која младите не се одлучуваат да се вработат во оваа гранка.

Во Центарот за вработување Куманово евидентирани се приближно 70 слободни работни места за чевларски работници. Оваа бројка е согласно искажаната потреба на работодавачите (побарувачката на работна сила) преку образецот пријава за потреба од работници. Во Центарот за вработување Куманово регистрирани се 80 невработени лица кои имаат завршено средно образование како чевлари или чевларски техничари. И ваквата состојба искажана преку бројки делува идеално. Но, сепак практиката покажува недостиг на кадар. Невработените воопшто не сакаат да се вработат во оваа инудстрија. Одбираат да работат во трговија за плата која исто така е минимална. Залудни се обидите на стручните лица од Центарот за вработување кои ги убедуваат невработените дека е подобро да научат занает и да имаат работа до пензионирање, наместо да работат во трговија која претежно ако не и исклучиво ангажира само млади лица- работници најчесто до 35 години.

– Улогата на Центарот за вработување е да посредува на пазарот на труд помеѓу невработените лица и работодавачите, врз основа на поднесено барање од страна на работодавач, што значи дека Центарот за вработување не може да посредува доколку работодавачот не поднесе барање за посредување, појаснува раководителката на кумановскиот Центар за вработување, Марија Димитријевска.

И од кумановското средно училиште велат дека со години нема интерес за чевларската струка во ова училиште, а потсетуваат дека во минатото се запишувале по 120 ученици во една година за потребите на чевларството. Бројот на запишани ученици секоја године е помал, а во последните дури и незначителен. Заедно со останатите институции, пред се АВРМ, Министерството за труд и социјална полтика, МОН неколку години организира преквалификација на невработени лица, кои со години биле невработени и се одлучиле да се вработат во чевларската индустрија, иако завршиле друго образование.

Образованието за возрасни се реализираше од 2012 до 2014. На годишно ниво беа вклучени по 12 лица.

– Првите три месеци од обуката се реализираа во училиштето, а еден месец кај работовачот. По завршување на обуката, сите учесници полагаа испит пред комисија Учесниците добиваа по 6.000 денари, информира директорката на „Перо Наков“, Мила Жибак.

Обиди да се ангажираат работници имаше и во 2004 година кога под покровителство и донација на Италијанската амбасада беше реализирана обука за 140 лица во кумановското училиште. Таа обука се покажа како доста успешна, бидејќи сите работници се вработени во чевларската индустрија на локално ниво.

И од здружението велат дека е потребно да се менува концептот и размислувањето на невработените лица и заеднички повеќе институции да ја подигнат свеста кај младите дека оваа индустрија ќе опстои и во наредниот период.

– За обука на стручен кадар потребно e најмалку три месеци до една година зависно од производствениот процес, меѓутоа и по завршувањето на обука некои производствени процеси бараат усовршување и надградување на знаењето во тек на работа, вели Милановска.

Од здружението веќе побарале во Министерството за образование и наука нов стручен профил дизајнер и моделар по примерот на област во Италија која е позната по произвоство на чевли. Таму, општината формирала училиште за потребите на индустријата. Од ресорното Министерство ќе се бара и воведување ваков профил на државните универзитети.

Општина Куманово изминатите години се вклучи во промоција на индустријата преку реализација на шопинг турата во која активно се вклучени неколку компании од Куманово. Проектот предвидува промоција на чевларските компании во Општина Куманово, кои имаат сопствено производство и продажба на финален производ. Целта на проектот е да се унапреди конкурентноста на чевларската индустрија во Општина Куманово. Идејата за проектот произлезе од значењето и улогата која чевларската индустрија во Општина Куманово ја има во локалниот економски развој на градот.

И покрај проблемите со кои се соочува оваа индустрија, пред се ниските плати производите кои ги изработуваат кумановските чевлари и кои се нудат на странскиот пазар ги задоволуваат вкусовите на пребирливите европски дами. Но, вистински да заживее потребна е системска поддршка од различни институции и министерства кои со законодавство, поддршка и субевнционирање би го вратиле сјајот на индустријата по која градот е препознатлив./МИА

Поврзани вести

Web banner Hit Portal Sinalco IceTea 2018 300x250px 01

 

Најново