Крај на финансиската помош на ЕУ за Западен Балкан ?
Помошта на Европската унија за земјите од Западен Балкан кои се надеваат дека ќе станат членки на Унијата е попречувана од „значителни недостатоци“ во националните влади. Ова во својот најнов извештај го оценува Европскиот ревизорски суд, тело кое ги контролира финансиите на Европската унија, пишува Радио Слободна Европа.
Во извештајот се прецизира дека станува збор за „слаб административен капацитет“ и за „недостиг на политичка волја за реформи на институциите“ во некои земји.
Затоа Судот предлага намалување или запирање на финасирањето за да ги охрабри властите во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија да дејствуваат во согласност со барањата.
Во извештајот се додава дека Западен Балкан од 2007 до 2014 година добил 5 милијарди и 100 милиони евра како дел одпретпристапна помош на Европската комисија и оти овие средства во голема мера биле ефикасни, но и тоа дека имало извесни попречувања предизвикани од недостатоците кај локалните власти.
„Европската комисија треба систематски да ги применува и да ги следи строгите услови“, наведува членот на Европскиот ревизорски суд Шаболч Фазакаш, додавајќи дека доколку е неопходно идните плаќања би можело да бидат намалени или прекинати.
Ревизијата утврди дека во земјите од Западен Балкан релативно малку се инвестирало во областа на реформите во судството, слободата на медиумите и мерките за справување со корупцијата и организираниот криминал.
Во извештајот се прецизира дека проектот финансиран од Европската унија за борба против корупцијата во Албанија се соочилсо недостиг на средства и персонал и не бил независен од владата.
„Ако луѓето за борба против корупцијата во одредена земја не се независни, тогаш тоа е бескорисно“, оценува ревизорскиот тим.
Текстот на РСЕ во целост прочитај го тука.