Јанева отворила предистражна постапка за случајот „Монструм“
Специјалното јавно обвинителство почнало предистражна постапка за случајот „Монструм“. На сослушување биле повикани адвокатите и семејствата на обвинетите, дознава „Алсат-М“ од извори во обвинителството.
Според информации на Алсат-М, тимот на Катица Јанева го преземал случајот „Монструм“. Нашите извори велат дека специјалното обвинителство располага со дополнителни информации кои ги проверува со семејствата на обвинетите и со адвокатите кои работат на случајот.
Случајот „Монструм“ е пред Врховниот суд, откако беше обжалена и одлуката на скопска апелација која ја потврди првостепената пресуда со која на доживотен затвор беа осудени Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири и Сами Љута, за кривично дело „тероризам“, а Хаки Азири како помагач во кривично дело „тероризам“.
Масакрот кај Смилковското езеро каде што беа убиени млади момчиња и рибар се случи во април 2012 година. Родителите на момчињата кои беа убиени кај Смилковското Езеро останаа незадоволни и од одлуката на Апелациониот суд за обвинетите во случајот „Монструм“. Тие сметаа дека сè уште не се кажани сите работи околу ова монструозно убиство.
Родителите на убиените момчиња се сомневаа дека високи фукнционери се вмешани во убиството на нивните деца. Незадоволни поради судењето во „Монструм“ низ скопските улици имаше повеќедневни протести од страна на претежно млади групи кои завршуваа со насилство кон судот и попатни објекти во градот, за што беа иницирани и кривични и прекршочни постапки против учесниците на протестите.