“Диво насеље”: Ризај и Ндрецај ни кажаа дека ќе бидеме само фигури и ако дојде полицијата, да пукаме во воздух
„Дури и малите деца знаат дека не сме терористи и дека не дојдовме во Куманово да војуваме. Бевме искористени за политички цели и не сме ниту први, ниту последни што сме искористени за тоа“, рече Насуф Бекири, еден од обвинитите во случајот „Диво Насеље“ на денешното продолжение на судскиот процес.
Бекири, како дополнување на воведните зборови на неговиот адвокат Мефај Арслани, рече дека бара овој случај да биде расветлен од Европската унија и од САД.
– Се сеќавам на тоа што ни го кажаа Бег Ризај и Мирсад Ндрецај дека во Куманово ќе бидеме само фигури и ако дојде полицијата, да пукаме во воздух. Знаат сите, знаеме и ние, дека сме употребени за политички цели и нема да признаеме никаква вина – рече Бекири.
Обвинетиот Руфки Догани, чија адвокат е Мефај Арслани, додаде дека Бег Ризај и Мирсад Ндрецај и некои други се предале на полицијата и дека не се убиени во „Диво Насеље“. Тој не го доврши исказот бидејќи, според судот, тоа ќе го каже во доказната постапка во судскиот процес.
Обвинетиот Валдеј Зекај, како дополнување, кратко изјави дека се употребува зборот „тероризам“ за да се прикрие вистината.
Безмалку сите адвокати што денеска даваа воведни зборови рекоа дека ниту тие, ниту обвинетите ја прифаќаат квалификацијата на кривичните дела тероризам и терористичка организација и дека во понатамошниот тек на судењето ќе го докажат тоа преку искази на сведоци и врз основа на доказите прибрани од обвинителството во текот на истрагата.
Извор: Локално.мк