Твитер порака на Ванхауте: „Се уште е можен компромис“
Со мал напредок, но безуспешно. Така заврши синоќешната рунда преговори на работните групи за реформи во медиумите.
Според најавите од белгискиот посредник Питер Ванхауте тие ќе продолжат и денеска. Во пораката на Твитер напиша: „Добро утро. Уште еден ден на преговори. Се уште е можен компромис, но нема љубов ако таа доаѓа само од едната страна“.
Претставниците на партиите и медијаторот Питер Ванхауте и амбасадорите на САД и ЕУ Бејли и Орав по шест часа, заминаа без изјави за медиумите.
Пред средбата, Ванхауте изјави дека голем проблем во преговорите се составот на Агенцијата за медиуми и владиното рекламирање.
Вчера од Здружението на новинарите и од Синдикатот на новинарите и медиумските работници побараа владиното рекламирање да не влегува во преговарачкиот пакет за реформи во медиумите и дека меѓународната заедница не смее да го легитимира тоа.