На полноќ стапува на сила одлуката за распуштање на Парламентот
На полноќ стапува на сила одлуката за распуштање на парламентот што беше донесена на 23 февруари. Ако до тогаш оваа одлука не се промени тогаш утре или во некои од наредните денови претседателот на собранието Трајко Вељаноски ќе распише избори што според најавите треба да се одржат на 5 јуни, пишува Плусинфо.
ДИК денеска ќе одржи јавна седница на која треба да ги соопшти резултатите од теренската проверка на спорните гласачи, а се очекува да донесе и заклучок за тоа дали до 17 април може да заврши процедурата на прочистување на Избирачкиот список. Проверката требаше да заврши во неделата, а оттогаш досега ДИК не излезе со информација дали е завршена и какви се резултатите.
Засега нема никаква иницијатива за одложување на изборите ниту од партии ниту од меѓународната заедница која исто така е потписник на Договорот од Пржино, иако не се исполнети двата основни услови за фер и демократски избори реформи во медиумите и прочистување на Избирачкиот список. Завчера пропадна последниот обид за промена на регулативата со тоа што предлогот на Здружението на новинари за измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиуми не помина ниту на прво читање во Собранието.
Вељаноски, единствено најавува можно одложување на чинот на распишување на изборите за да се добие дополнително време за прочистување на Избирачкиот список.
„Јас кажав веќе дека на 7 април ќе биде распуштено Собранието. Тогаш останува на мене, според уставните надлежности што ги имам, да го донесам решението за распишување на изборите, кое се одредени да бидат на 5 јуни. Како претседател на Собранието, условно можам да тактизирам, и наместо на 7 април да го потпишам решението на 15 април, за да и’ дадам можност на ДИК за продолжување на некои работи, ако евентуално не се завршени. Тоа се однесува околу делот на Избирачкиот список, бидејќи многу активности на ДИК за време на спроведување на изборите зависат од денот на потпишување на решението за распишување на изборите – изјави Вељаноски.
Извор; Плусинфо