Трагедијата во Диво Насеље има само еден „архитект“
Целиот настан е направен за пари. Шест дена, лани во мај месец престојувавме во таа населба. Никој ниту се пожали, изјави денес обвинетиот Дем Шеху.
Трагедијата која се случи лани во кумановското Диво Насеље има само еден „архитект“. Целиот настан е направен за пари. Шест дена, лани во мај месец престојувавме во таа населба. Никој ниту се пожали, ниту пак имаше негативни реакции, изјави Дем Шеху, еден од 37-те обвинети во предметот „Диво Насеље“. Тој и останатите 36 обвинети денеска конечно имаа можност повторно да се изјаснат дали се виновни или не за ланската 28-часовна војна со полицијата во Куманово. По втор пат даваат исказ, бидејќи судскиот совет на Кривичниот суд одлучи на предметот „Диво Насеље“ да му ги додаде и осумтемина обвинети во „Молња“, предмет во кој според ОЈО лица од Кумановско им биле логистика на групата која лани на 9 и 10 мај војуваше во Куманово.
Обвинетиот Амди Красниќи рече дека во некои куќи во населбата влегле на сила, а не како што тврди ОЈО, дека им биле остапени. Тој нагласи дека ниту еден од обвинетите за логистика не го познава и, како што рече, прв пат ги гледа тие лица.
– Ниту јас, ниту Сами Укшини не сме организатори на групата, како што сака да нè направи обвинението. Од помагачите, гарантирам со живот дека не познавам никого, а во куќите во Диво Насеље влеговме насила – рече Красниќи.
Јавниот обвинител Наум Пановски истакна дека врз база на прибавените докази од посебните истражни мерки јасно било дека сите обвинети добро се познавале и дека биле во постојана комуникација. Тој нагласи дека ОЈО поседувало доволно докази да ја докаже нивната вина.
Веднаш по говорот на Пановски, за збор се јави адвокатот Шазивар Исени кој нагласи дека само во Македонија може тој што ги открива и бара доказите, во случајот МВР, истата институција и да ги вештачи и да тврди дека тие докази се добри и вистинити, а не како што се практикува во цел свет, друго стручно и посебно тело.
Денешното рочиште после неколкунеделно одлагање и кавги на релација Врховен суд-Кривичен суд се одржа повторно во Свечената сала на Врховниот суд. Иако претходно од судот велеа дека не можат да ја најмат салата бидејќи ќе се реновира, тоа не се случи. Јавноста и медиумите денеска имаа можност да видат дека таму само прозорите беа исчистени од прашина. Интересно е и тоа да се спомене дека денеска над Скопје двата полициски хеликоптера не летаа, пракса на тренирање строгост која до претпоследното рочиште беше спроведувана од МВР. Дури видно беше намалено и полициското обезбедување на процесот.
На 29 обвинети од „Диво Насеље“ денеска во суд им се придружија и осумтемина од „Молња“, односно Фазли Османи, Садик Пајазити, Рами Љатифи, Садула Абдуљаи, Ејхамер Алити, Ибрахим Муртезани, Едим Али и Бесник Бајрами. Во процесот, за директни учесници во минатогодишните немили настани обвинети се Мухамед Красниќи, Сами Укшини, Деме Шеху, Генци Сефа, Адријан Бујари, Ваљдет Зекај, Енвер Хоџа-Клајн, Арсим Бајрами, Неџбедин Лика, Бесник Ајдини, Лирим Демири, Насуф Бекири, Руфки Догани, Севдаиљ Мифтари, Кенан Исени, Бајрам Бег и Рустемај Лендрит.
На листата обвинети се и Фадиљ Ељшани, Фатмир Речица и Косовците Шефкет Калачи, Есад Кафеџоли и Ајруш Авдија, како и кумановците Фадиљ Фејзулаи и Ирфан Љутвиу, Беким Карташи, Бајрам Елшани, Лирим Красниќи, Фејзула Рушитовски од Брест.
Пред точно една година, во кумановската населба Диво Насеље ги загубијата животите специјалците Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ.
Никој од оние на кои им се суди за случувањата од ланскиот 9 мај, не прифаќа да биде квалификуван како терорист. Околу случувањата во Диво Насеље се појавија многу сомнежи и шпекулации, поради што беше побарано спроведување меѓународна истрага.
Во јавноста се шпекулираше дека во Куманово намерно беше организирана мала војна за да се тргне фокусот на јавноста од прислушуваните разговори што ги објавуваше опозицијата. По овој настан, како сплет на околноти следуваа оставки од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, како и од првиот човек на УБК, Сашо Мијалков.
Извор: Плусинфо.мк