Поништена одлуката за лустрација на новинарката Јадранка Костова
Управниот суд ја поништи лустрацијата за новинарката Јадранка Костова, главен уредник на неделникот „Фокус“.
Со образложение дека е прекршен членот кој предвидува лицето за кое се води постапка да биде задолжително известено, Управен го укина решението на Комисијата за верификација на фактите донесено во март лани.
„Во правна ситуација кога оспорениот управен акт е поништен од судот, поништувањето делува наназад (ex tung) од донесувањето на актот, односно се поништуваат сите дејствија кои му претходеле на донесувањето на актот како и сите правни дејствија и последици предизвикани од тој акт“, се наведува во пресудата.
Против оваа пресуда дозволена е жалба до Вишиот управен суд во рок од 15 дена од приемот.
Костова вели дека оваа одлука на судот е сатисфакција за неа, но не ги брише последиците од решението кои морала да ги претрпи.
„Јас уште пред 4 години јавно изјавив дека Лустрациската комисија се претвори во уште една алатка на оваа власт за справување со критичарите“ – рече таа.
Додава дека еден ден сериозно треба да се анализира работата на Комисијата за лустрација.
Извор: Фактор